Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 3

3
3. Јорамов поход против Моав
1Јорам, синот Ахавов, се зацари над Израел во Самарија, во осумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја. И владееше дванаесет години. 2Правеше што е зло во Господовите очи, ама не како неговиот татко и неговата мајка, зашто го отстрани Вааловиот столб што го имаше подигнато татко му. 3Но се приврзуваше кон гревот со кој Јеровоам, синот Наватов, го заведуваше Израел; и не отстапуваше од него.
4Миса, моавскиот цар, беше сточар и му праќаше на израелскиот цар за данок сто илјади јагниња и волна од сто илјади овни. 5Но кога умре Ахав, моавскиот цар се побуни против израелскиот цар. 6Токму во тоа време царот Јорам излезе од Самарија и изврши смотра на сите Израелци. 7Потоа му порача на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се побуни против мене. Сакаш ли со мене во војна против Моавците?“ Јудејскиот цар одговори: „Сакам! Јас како ти, мојот народ како твојот народ, моите коњи како и твоите коњи.“ 8И додаде: „По кој пат ќе одиме?“ А другиот му одговори: „Низ Едомската Пустина.“
9И така израелскиот цар тргна со јудејскиот цар и со едомскиот цар. Скитаа седум дена, а немаше вода за четите ни за добитокот што идеше по нив. 10Тогаш израелскиот цар извика: „Ах! Господ ги повика овие три цара, за да ги предаде во рацете на Моавците!“ 11Но Јосафат му рече: „Нема ли тука Господов пророк за да Го прашаме Господа преку него?“ Тогаш одговори еден од слугите на израелскиот цар: „Тука е Елисеј, синот Сафатов, кој ги полеваше со вода Илиевите раце.“ 12Јосафат рече: „Божјото слово е во него.“ И израелскиот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар отидоа кај Елисеј.
13Но Елисеј му рече на израелскиот цар: „Што имам јас со тебе? Побарај ги пророците на твојот татко и пророците на твојата мајка!“ Израелскиот цар му одговори: „Не! Зашто Господ ги повика овие три цара за да ги предаде во рацете на Моавците.“ 14Елисеј одговори: „Живиот ми Господ над Силите, Кому Му служам, кога не би гледал на јудејскиот цар Јосафат, не ќе ти обрнував внимание, ниту ќе погледнев на тебе. 15Сега доведете ми свирач.“ И додека свирачот свиреше, Господовата рака слезе над него. 16И тој рече: „Господ вели вака: ‘Ископајте многу јами во оваа долина.’ 17Зашто Господ вели вака: ‘Не ќе почувствувате ветер ниту ќе видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода. И ќе пиете вие, вашиот ситен и крупен добиток.’ 18Ама тоа уште не е ништо во очите на Господа: Тој ќе го предаде Моав во ваши раце. 19Вие ќе ги заземете сите утврдени градови, ќе ги исечете сите плодни дрва, ќе ги затрупате сите извори и ќе ги запустите најдобрите полиња: ќе ги посеете со камења.“ 20И навистина, наутро, во времето кога се принесува лебниот принос, дојде вода од Едом и ја преплави сета околина. 21Кога Моавците чуја дека царевите дојдоа да војуваат со нив, ги повикаа сите кои што беа способни за оружје, и ги поставија на границата. 22Кога станаа утрото и кога сонцето огреа над онаа вода, на Моавците им се стори отстрана дека водата е црвена како крв. 23И рекоа: „Тоа е крв! Навистина царевите се судрија меѓусебно и се погубија еден друг. А сега: на грабеж, Моавци!“ 24Но кога стигнаа до израелскиот логор, Израелците се кренаа и ги разбија Моавците, така што овие избегаа пред нив. А Израелците се стрчаа за да ги дотолчат Моавците. 25Им ги разорија градовите, секој фрлаше по камен на најдобрите ниви за да ги наполнат, ги засипаа изворите и ги исекоа сите плодни дрва. Конечно, остана само градот Кир Арасет; праќкарите го опколија и го биеја. 26Кога моавскиот цар виде дека не ќе ја издржи битката, зеде со себе седум стотини луѓе вооружени со мечеви, се обиде да се пробие и да дојде до едомскиот цар, ама не успеа. 27Тогаш го зеде својот син првенец, кој требаше да го наследи, и го принесе како паленица на ѕидот. Тоа им се згади толку на Израелците та отидоа од нив и се вратија во својата земја.

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 3: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност