Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 25

25
1Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со својата војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи. 2Градот остана опколен до единаесеттата година на Седекиевото царување. 3Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таков глад што простиот народ немаше ни леб, 4непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу двата ѕида над Царската Градина - Халдејците го имаа опколено градот - и тргнаа по патот кон Арава. 5Халдејските чети тргнаа во потера по царот и го настигнаа во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега. 6Халдејците го фатија и го одведоа во Ривла пред вавилонскиот цар, кој што му изрече пресуда. 7Ги закла Седекиевите синови пред неговите очи, на Седекија му ги ископа очите, го окова во окови и го одведе во Вавилон.
2. Разурнување на Ерусалим и Храмот
8Во седмиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим влезе Невузардан, заповедник на царската телесна стража и телохранител на вавилонскиот цар. 9Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим. 10Халдејските чети, под заповедникот на царските телохранители, ги разурнаа ѕидовите што го опкружуваа Ерусалим. 11Невузардан, заповедникот на царските телохранители, го одведе на заточение Остатокот на народот што беше останал во градот, а исто така и бегалците при вавилонскиот цар и другиот свет. 12Некои од сиромашните, заповедникот ги остави во земјата како лозари и земјоделци.
13Халдејците ги скршија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море што беа во Господовиот Дом и бронзата ја однесоа во Вавилон. 14Ги зедоа и грнчињата, лопатите, ножевите, садовите, и воопшто сиот бронзен прибор што беше употребуван во богослужбата. 15Заповедникот ги зеде и кадилниците и прскалниците, воопшто сѐ што беше од злато и сребро, 16два столба, едно море и подножјата, што Соломон даде да ги изработат за Господовиот Дом. Немаше мерка да се прецени колку беше бронзата во сите тие предмети. 17Првиот столб беше висок осумнаесет лакти, имаше главче од бронза, високо три лакти; имаше мрежа наоколу и калинки, сѐ од бронза. Таков беше и вториот столб.
3. Казна на јудејски првенци и заповедници во Ривла
18Началникот на телохранителите ги одведе свештеничкиот главатар Серај, вториот свештеник, Софониј, и тројцата чувари на прагот. 19Од градот одведе еден дворјанец, војничкиот заповедник, пет луѓе од царската придружба кои се најдоа во градот, писарот на заповедникот на војската, кој собираше војска од народот, и шеесет луѓе од земниот народ кои се најдоа во градот. 20Заповедникот на царската телесна стража ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла. 21И вавилонскиот цар заповеда да ги погубат во Ривла, во Ематската Земја. Така го одведоа јудејскиот народ од неговата родна земја.
4. Назначување на Годолиј за вавилонски намесник во Јудеја
22На народот што остана во јудејската земја и што го остави вавилонскиот цар Навуходоносор, им го постави овој за управител Годолиј, синот Ахикамов, внукот Сафанов. 23Сите воени повелници и нивните луѓе научија дека вавилонскиот цар ѝ го постави на земјата за намесник Годолиј, и дојдоа пред него во Миспа: Нетаниевиот син Исмаил; Каријаевиот син Јоанан; синот Тануметов од Нетофат, Серај; синот Махатов Јазаниј - тие и сите нивни луѓе. 24Годолиј им се заколна ним и на нивните луѓе, и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците; останете во земјата, бидете му потчинети на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.“ 25Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот Нетаниев, внукот Сафанов, внукот Елисамов, кој беше од царски род, и уште десет луѓе со нив, го убија Годолиј, та тој умре како и сите Јудејци и Халдејци кои беа со него во Миспа. 26Тогаш сиот народ, од малиот до големиот, и сите заповедници на четите, станаа и отидоа во Египет, зашто се боеја од Халдејците.
5. Ослободување на Јоахин во Вавилон
27Во триесет и седмата година откако е заточен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и седмиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил-Меродах во првата година на своето владеење го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темницата. 28Разговараше со него љубезно и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со нив во Вавилон. 29Јоахин ги смени своите темнички облеки и јадеше со царот покрај исти стол во текот на сиот свој век. 30До крајот на неговиот живот вавилонскиот цар трајно, од ден во ден, му даваше издржување.

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 25: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се