Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 20

20
4. Езакиева болест
а. Езакиева молитва и Божјиот одговор преку устата на Исаија
1Во она време Езекија се разболе на смрт. Пророкот Исаија, синот Амосов, му дојде и рече: „Господ вели вака: ‘Среди ја својата куќа, зашто ќе умреш; нема да оздравиш.’“ 2Езекија се сврти кон ѕидот и вака Му се помоли на Господа: 3“Ах, Господи! Спомни си милостиво дека пред Тебе одев верно и со чесно срце, и дека правев што е добро во Твоите очи.“ И Езекија заплака горко. 4Исаија уште не беше излегол од средишниот двор кога му стигна Господовото слово: 5“Врати се и речи му на Езекија, на главатарот на Мојот народ, ‘Господ, Бог на твојот татко Давид, вели вака: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи, ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом. 6Ќе му додадам на твојот век уште петнаесет години. Ќе ве избавам тебе и овој град од рацете на асирискиот цар; ќе го закрилам овој град заради Себе и заради Својот слуга Давид.“‘“ 7Исаија наложи: „Земете облог од смокви, завиткајте му го врз чирот, и тој ќе оздрави.“
б. Божји знак: сончева сенка
8Езекија го праша Исаија: „По кој знак ќе знам дека Господ ќе ме излечи и дека по три дни ќе влезам во Господовиот Дом?“ 9Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи што рекол: сакаш ли сенката да се помрдне за десет стапки напред или да се врати за десет стапки?“ 10Езекија одговори: „Лесно е да се помрдне сенката за десет стапки напред! Не! Сенката нека се врати за десет стапки!“ 11Пророкот Исаија извика кон Господа, и Тој направи да се врати сенката. Слезе за десетте последни стапки на Ахазовиот сончев часовник.
5. Невнимателна постапка на Езекија
12Во тоа време вавилонскиот цар Веродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека се разболел и оздравел. 13Езекија се израдува од тоа и им ги покажа на пратениците: својата благајна - среброто, златото, мирисите, мирисливото масло - својата оружница и сѐ што беше во складовите. Немаше ништо во неговиот дворец и во сета негова управа што Езекија не им покажа. 14Тогаш пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што рекоа тие луѓе и откаде дојдоа кај тебе?“ Езекија одговори: „Дојдоа од далечна земја, од Вавилон.“ 15Исаија праша натаму: „Што видоа во твојот дворец?“ Езекија одговори: „Видоа сѐ што е во мојот дворец; нема ништо во моите складови што не им покажав.“
16Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Чуј го Господовото слово: 17’Еве доаѓаат денови кога сѐ што е во твојот дворец, сѐ што насобрале твоите татковци до денес, ќе биде однесено во Вавилон. Ништо нема да остане, вели Господ. 18А од синовите што ќе произлезат од тебе, што ќе ти се родат, некои ќе ги земат за да бидат скопени дворјанци во дворецот на вавилонскиот цар.’“ 19Езекија му одговори на Исаија: „Добро е словото што Господ ти го објави.“ А мислеше: „Зошто не? Ако бидат мир и безбедност за време на мојот живот!“
20Другата Езекиева повест, сите негови потфати, и како изградил рибник, и водовод за да ја доведе водата во градот, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 21Езекија почина со своите татковци, а неговиот син Манасиј се зацари место него.

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се