Откако го чу тоа, царот Езекиј ја раскина својата облека, облече вреќиште и отиде во Господовиот Дом. Потоа ги испрати Елијаким, управителот на дворецот, писарот Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, кај пророкот Исаија, синот Амосов. Тие му рекоа: „Езекија вели вака:
‘Ова е ден на неволја, казна и ругање. Децата стасаа до раѓање, а нема сила да се родот. Можеби Господ, твојот Бог, чу што рече големиот достоинственик кого асирискиот цар, неговиот господар, го испрати да го хули живиот Бог, и можеби Господ, твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чул! Помоли се за Остатокот што уште остана.’“ Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија, тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Господ вели вака: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа Мене слугите на асирискиот цар. Ќе вдахнам во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.“‘“
Големиот достоинственик се врати и го најде асирискиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот си отиде од Лахис. Имено, ја чу веста за Тирак, етиопскиот цар: „Еве, излезе да се бори против тебе.“ Тогаш Сенахирим испрати пак пратеници за да му кажат на Езекија: “Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те мами твојот Бог, во кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирискиот цар!“ Ти знаеш што им направија асириските цареви на сите земји предавајќи ги на проклетство! А ти, ти ли ќе се спасиш? Дали боговите ги спасија народите што моите татковци ги уништија: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденците во Тел Асар? Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на Сефарваим, Ена и Ава?’“
Езекија го прими писмото од посланиковата рака и го прочита.
Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка пред Господа таму. И Му се помоли Езекија на Господа вака: „Господи, Израелев Боже, Кој седиш над херувимите, Ти си единствен Бог над сите земски царства, Ти ги создаде небото и земјата. Приклони го увото, Господи, и чуј, отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахиримовите зборови што ги испрати за да Го хули живиот Бог.
Вистина е, о Господи, асириските цареви ги сотреа народите и нивните земји; им ги фрлија во оган боговите; зашто тоа не беа богови, туку дела на човечките раце, од дрво и од камен; затоа и ги уништија. Но сега, Господи, Боже наш, избави нѐ од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.“