Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 16

16
О. Царување на Ахаз
1. Ахазова нечесност
1Во седумнаесеттата година на царувањето на Факеј, синот Ремалиев, јудејски цар стана Ахаз, синот Јотамов. 2На Ахаза му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во очите на Господа, својот Бог, како што го правеше тоа неговиот предок Давид. 3Живееше слично на израелските цареви, и самиот го поминуваше својот син низ оган по гнасниот обичај на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 4Принесуваше жртви и кадеше по високите места и по брежињата и под секое зелено дрво.
2. Ахазов сојуз со асириски цар
5Тогаш арамејскиот цар Ресин и Факеј, синот Ремалиев, цар на Израел, тргнаа во војна против Ерусалим. Го опсадија, но не можеа да го освојат. 6Во тоа време арамејскиот цар Ресин им го врати Елат на Едомците; ги протера Јудејците од Елат, и Едомците влегоа во него, и таму останаа до денес. 7Тогаш Ахаз испрати пратеници при асирскиот цар Теглат Феласар да му речат: „Јас сум твој слуга и твој син! Дојди и избави ме од рацете на арамејскиот цар и на царот на Израел, кои се подигнаа против мене.“ 8Ахаз ги зеде среброто и златото што се наоѓаа во Господовиот Дом и во благајните на царскиот дворец, и му испрати сѐ како дар на асирискиот цар. 9И асирискиот цар го послуша: отиде против Дамаск и го освои. Жителите ги одведе во Кир, а Ресина го погуби.
3. Ахаз и нов жртвеник
10Царот Ахаз отиде во Дамаск во пресрет на асирискиот цар Теглат Феласар. И го виде жртвеникот што беше во Дамаск. Тогаш царот Ахаз му ги испрати на свештеникот Уриј мерките на жртвеникот, неговиот нацрт и сите подробности на неговата градба. 11Свештеникот Уриј изгради жртвеник; сите напатствија што царот Ахаз ги испрати од Дамаск, свешетеникот Уриј ги изврши пред да се врати царот Ахаз од Дамаск. 12Откако царот Ахаз стигна од Дамаск, го виде жртвеникот, му пристапи и принесе жртва. 13Ги изгоре врз жртвеникот својата паленица и својот лебен принос, ја излеа својата налевница и со крвта од помирителната жртва го попрска жртвеникот. 14Бронзениот жртвеник, кој беше пред Господа, го отстрани пред Храмот, каде беше меѓу новиот жртвеник и Господовиот Дом. И го стави покрај новиот жртвеник од кон север. 15Царот Ахаз му заповеда на свештеникот Уриј: „Врз големиот жртвеник ќе ги спалуваш утринската паленица и вечерниот лебен принос, царевата паленица и неговиот лебен принос; и палениците, лебните приноси и налевниците на целиот народ. Врз него ќе ја излеваш сета крв од палениците и крвните жртви. А за бронзениот жртвеник уште ќе размислам.“ 16Свештеникот Уриј направи како што му нареди царот Ахаз.
17Царот Ахаз ги извади рамките од подножјата; од нив ги извади и мијалниците. А бронзеното море го спушти од воловите што стоеја под него и го стави врз камениот под. 18Пред асирискиот цар ги отстрани од Господовиот Дом Саботниот Ходник што го беа изградиле, и надворешниот царски пристап.
4. Ахазова смрт и зацарување на Езекија
19Другата Ахазова повест, и сѐ што направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 20Ахаз почина со своите татковци, и е погребан во Давидовиот Град. На негово место се зацари син му Езекија.

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се