2 ЛЕТОПИСИ 29
29
К. Езекиево царување
1. Очистување на Храм
а. Повик кон левити
1На Езекија му беа дваесет и пет години кога се зацари, царуваше дваесет и пет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерка Захариева. 2Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и неговиот татко Давид. 3Во првата година на првиот месец на своето царување ги отвори вратите на Господовиот Дом и ги поправи. 4Тогаш ги повика свештениците и левитите и, откако ги собра на источниот плоштад, 5рече: „Чујте ме левити! Посветете се сега и посветете го Домот на Господа, Бога на своите татковци, и отстранете ја нечистотата од Светилиштето. 6Нашите татковци згрешија и правеа зло во очите на Господа, нашиот Бог. Го оставија и го одвратија лицето од Господовиот Шатор, свртувајќи му го грбот. 7Ги затворија тремските врати и ги изгаснаа светилките; не кадеа со темјан ниту принесуваа паленици во Светилиштето на Израелевиот Бог. 8Затоа Господ се расрди на Јудејците и на Ерусалимците, та дозволи да бидат измачувани и да бидат за ужас и за потсмев, како што гледате со своите очи. 9И нашите татковци, ете, паднаа од меч, а синовите, ќерките и жените затоа ни се во ропство. 10И така, сега смислив во своето срце да склучам Завет со Господа, со Израелевиот Бог за да се одврати од нас Неговиот јаростен гнев. 11Деца мои, не бидувајте сега мрзливи, зашто Господ ве избра за да стоите пред Него, за да му служите и за да му бидете слуги и за да му кадите.“
б. Осветување на левити и очистување на Храмот
12Тогаш станаа левитите: Амасеевиот син Мат и Азаревиот син Јоил од Катовите синови; од Мораровите синови Авдиевиот син Кис и Јалелеиловиот син Азариј; од Гирсоновците Зиминиот син Јоах и Јоаховиот син Еден; 13од Елисафановите синови: Симриј и Јеил од Асафовите синови: Захариј и Матаниј; 14од Амоновите синови Јеил и Симеј; од Једутуновите синови: Семај и Озик. 15Тие ги собраа браќата, се посветија и дојдоа, како што заповеда царот според Господовите зборови за да го очистат Господовиот Дом. 16Свештениците влегоа во Господовиот Дом за да го очистат. Почнаа сета нечистота што ја најдоа во Господовиот Храм, да ја изнесуваат во дворот на Господовиот Дом; а левитите ја примаа изнесувајќи ја надвор до потокот Кедрон. 17Почнаа да посветуваат во првиот ден на првиот месец, а во осмиот ден од истиот месец влегоа во Господовиот трем; го осветуваа Господвиот Дом осум дена; завршија во шеснаесетиот ден на првиот месец. 18Тогаш влегоа кај царот Езекија и рекоа: „Го исчистивме сиот Господов Дом: жртвеникот за паленици со сиот негов прибор, столот за принесените лебови со сиот негов прибор, 19а сите посатки кои ги зафрли царот Ахаз додека царуваше и грешеше, пак ги обновивме и осветивме; ене ги пред Господовиот жртвеник.“
в. Осветување иа Храм
20Тогаш царот Езекија стана рано, ги собра градските кнезови и отиде во Господовиот Дом. 21Доведоа седум млади јунци, седум овни, седум јагниња, седум јарци за грев, за царството и за Светилиштето и за Јуда; тој им заповеда на Ароновите синови свештеници да ги принесат за паленица на Господовиот жртвеник. 22Откако ги заклаа говедата, свештениците ја зедоа крвта и го попрскаа жртвеникот, ги заклаа јагнињата и со крвта го попрскаа жртвеникот. 23Ги доведоа јарците за грев пред царот и пред соборот та ги ставија рацете врз нив. 24Тогаш свештениците ги заклаа и го очистија со нивната крв жртвеникот, зашто царот беше заповедал да бидат принесени паленица и жртва за грев за сиот Израел.
25Постави во Господовиот Дом левити со кимвали, со псалтири и со гуслиња, како беше заповедал Давид, царевиот гледач Гад и пророкот Натан, зашто заповедта доаѓаше од Бога преку Неговите пророци. 26Така левитите стоеја со Давидовите свирки, а свештениците со трубите. 27Тогаш Езекија заповеда да ја пронесат паленицата врз жртвеникот. Кога почна принесувањето на паленицата, почна Господовата песна покрај звуците на роговите и на свиралките на израелскиот цар, Давид. 28Сиот собор се поклонуваше, пеачите пееја, а трубите трубеа, и тоа сѐ додека не сврши паленицата. 29Кога сврши принесувањето на паленицата, царот и сите кои беа со него паднаа набожно на колена и се поклонија. 30Тогаш царот и кнезовите им заповедаа на левитите да Го фалат Господа со зборовите на Давида и на гледачот Асаф; тие почнаа да фалат со најголема веселба, паднувајќи ничкум, се поклонија.
г. Жртвопринесување во Храм
31Тогаш Езекија проговори: „Сега вие се посветивте на Господа; пристапете и донесете ги жртвите и благодарните приноси во Господовиот Дом.“ Сиот собир донесе закланици и благодарници. Секој што имаше волно срце, принесе паленици. 32Палениците што ги донесе собирот беа на број: седумдесет говеда, сто овни, двеста јагниња, сѐ за паленици на Господа. 33Другите посветени дарови беа шест стотини говеда и три илјади грла ситен добиток. 34Но свештениците беа премалку, така што не можеа да ги одерат сите паленици; затоа им помагаа браќата левити, додека не се сврши работата и додека не беа посветени други свештеници, зашто левитите беа со погорливо срце за да се посветат отколку свештениците. 35Беа и многу паленици со лојта од помирителните жртви, и со налевници при палениците. Така, пак беше обновена службата во Господовиот Дом. 36И Езекија се веселеше, и сиот народ со него, зашто Бог му подготви на народот, бидејќи се тоа се случи ненадејно.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 29: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.