Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЛЕТОПИСИ 17

17
Г. Јосафатово царување
1. Јосафатова побожност
1Тогаш на неговото место се зацари син му Јосафат; тој ја покажа својата сила против Израел. 2Ја размести војската по сите утврдени јудејски градови и постави намесници по Јудејската Земја и по Ефремовите градови, кои ги беше зазел неговиот татко Аса. 3Господ беше со Јосафат, зашто одеше по правите патишта на својот татко Давид и не ги побара Вааламите. 4Го бараше Бога на своите татковци и одеше според Неговите заповеди не правејќи како Израелевите синови. 5Затоа Господ го зацврсти царството во неговата рака, па сите Јудејци му даваа данок на Јосафата, така што придоби големо богатство и слава. 6Неговото срце се охрабруваше на Господовите патишта, па ги отстрани уште и високите места и ашерите од Јудеја.
2. Поучување од свиток на Законот
7Во третата година на царувањето ги испрати кнезовите Вен-Хаил, Овадиј, Захариј, Натанаил и Михеј за да учат по јудејските градови. 8И со нив левитите: Семај, Натаниј, Зевадиј, Асаил, Семирамот, Јонатан, Адониј, Товиј и Тов-Адониј; а со нив свештениците Елисам и Јорам. 9Поучуваа по Јудеја носејќи го со себе Свитокот на Господовиот Закон и ги обиколуваа сите јудејски градови, учејќи го народот.
3. Јосафатова сила и богатство
10Господовиот страв ги опфати сите земни царства околу Јудеја, така што не смееја да завојуваат против Јосафат. 11Некои Филистејци сами му донесуваа дарови и данок во сребреници, а Арабјаните му донесуваа ситен добиток: по седум илјади и седум стотини овни и седум илјади и седум стотини јарци. 12Така Јосафат напредуваше сѐ повеќе додека не стана многу голем. Изгради во Јудеја стражарници и градови - складишта. 13Имаше многу работи во јудејските градови, а храбри јунаци во Ерусалим. 14Еве го нивниот попис според семејствата: од Јудиното племе илјадниците: началникот Адна и со него триста илјади храбри јунаци; 15до него началникот Јоанан и со него двеста и осумдесет илјади; 16по него Зихриевиот син Амасиј, кој се стави подготвено во Господова служба, со двеста илјади храбри јунаци. 17Од Венијаминовото племе: храбриот јунак Елијад и со него двеста илјади луѓе вооружени со лак и со штит; 18по него Јозавед и со него сто и осумдесет илјади готови за бој. 19Тоа се оние кои му служеа на царот, не броејќи ги оние што царот ги имаше наместено во тврдите градови по сета Јудеја.

Селектирано:

2 ЛЕТОПИСИ 17: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се