Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЛЕТОПИСИ 13

13
Б. Царување на Авиј
1. Војна на Авиј против Јеровоам
1Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, Авиј се зацари над Јудеја. 2Царуваше три години во Ерусалим. Името на мајка му беше Михаја, Урилова ќерка од Гаваја. Тогаш избувна војна меѓу Авиј и Јеровоам. 3Авиј излезе во бојот со храбри борци, со четири стотини илјади одбрани јунаци; Јеровоам подреди во боен ред против него осум стотини илјади луѓе, сѐ одбрани јунаци. 4Авиј застана на врвот на Семераимската Гора во Ефремовото Горје и рече: „Чујте ме, Јеровоаме и сиот Израел! 5Не знаете ли дека Господ Израелевиот Бог, му го предаде на Давида царството над Израел засекогаш, нему и на неговите синови со Заветот на солта? 6Ама се подигна Наватовиот син Јеровоам, слуга на Давидовиот син Соломон, и се побуни против господарот. 7Околу него се собраа ништожни и лоши луѓе и почнаа да му се противат на Соломоновиот син Ровоам, кој беше млад и со страшливо срце, та не умееше да се брани храбро од нив.
8Па сега мислите дека можете да му се спротивите на Господовото Царство што е во раката на Давидовите синови, зашто вас ве има мошне многу и ги имате кај себе златните телиња, кои ви ги направи Јеровоам за да ви бидат богови. 9Ги истеравте Господовите свештеници, Ароновите синови и левитите, и си поставивте за себе свештеници како другите земни народи. Секој што дојде со јунец и со седум овни, им стана свештеник на вашите ништожни богови. 10Нам ни е Бог Господ, не Го оставивме, а свештениците кои Му служат на Господа се Аронови синови и левити во својата работа. 11Му палат на Господа жртви паленици и мирислив темјан секое утро и секоја вечер, ги ставаат лебовите на чистиот стол, и го палат секоја вечер златниот светилник со светилата; зашто ние ја пазиме наредбата на Господа, својот Бог, а вие Го оставивте. 12Затоа, еве, нам ни се на чело Бог и неговите свештеници со гласни труби за да свират грмливо против вас. Израелеви синови, не војувајте против Господа, Бога на своите татковци, зашто не ќе имате успех!“
2. Јеровоамов пораз
13Ама Јеровоам одведе заседа за да им дојде од зад плеќи; така на Јудејците едни им беа однапред, а заседата одназад. 14Кога Јудејците се обѕрнаа, а тоа, ете, бојот им беше однапред и одназад. Тогаш извикаа кон Господа, а свештениците почнаа да трубат во трубите. 15Тогаш Јудејците извикаа силно, а кога почнаа да викаат, Бог ги разби Јеровоама и сиот Израел пред Авиј и пред Јудејците. 16Израелевите синови избегаа пред Јудејците, и Бог им ги предаде ним во рацете. 17Авиј со народот изврши голем колеж меѓу нив, та од Израелците паднаа погубени пет стотини илјади одбрани луѓе. 18Така Израелевите синови беа понижени во тоа време, а Јудините синови зајакнаа, зашто се потпреа на Господа, на Бога на своите татковци. 19Авиј го спотера Јеровоама и ги освои од него градовите Ветил со селата, Јесан со селата и Ефрон со селата. 20Јеровоам веќе не се заздрави за време на Авиевиот живот; Господ го удри така што умре. 21Авиј се зацврсти и си зеде четиринаесет жени, та му се родија дваесет и два сина и шеснаесет ќерки. 22А другите Авиеви дела и неговите потфати и беседи се запишани во толкувањето на пророкот Адон.

Селектирано:

2 ЛЕТОПИСИ 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се