1 САМОИЛ 25
25
л. Давид и Авигеја
1. Навал откажува да му помогне на Давида
1Тогаш Самоил умре. Сиот Израел се собра и го исплака тажејќи по него; и го закопаа во неговиот роден крај во Рама. А Давид стана и слезе во пустината Фаран. 2Во Маон живееше човек кој имаше свој имот во Кармил; тоа беше многу богат човек, имаше три илјади овци и илјада кози. Токму тогаш ги стрижеше своите овци во Кармил. 3Тој човек се викаше Навал, а неговата жена Авигеја. Жена му беше убава и многу умна, а мажот суров и опак: беше Халевовец. 4Давид чу во пустината дека Навал ги стриже своите овци. 5Затоа испрати десет момоци наложувајќи им: „Одите горе во Кармил, отидете кај Навал и поздравете го во мое име. 6И речете му вака на мојот брат: ‘Мир ти, мир на твојот дом, мир на сѐ што имаш! Сега, слушам, ги стрижеш овците. А твоите пастири беа кај нас, не ги ѓибавме, ништо не им снема додека беа во Кармил. 8Прашај ги своите слуги, и ќе ти кажат. Затоа овие момоци нека најдат милост пред тебе, зашто дојдовме во свечен ден. Дај им на своите слуги и на својот син Давид што ќе ти се најде при рака.’“
9Давидовите момоци дојдоа и му ги повторија на Навала во Давидово име сите овие зборови, а потоа почекаа. 10Ама Навал им одговори на Давидовите слуги вака: „Кој е Давид, кој е Јесејовиот син? Денес има многу слуги кои избегале од своите господари. 11Зар да ги земам својот леб, својата вода, својот добиток што го заклав за своите стрижачи, па тоа да им го подарам на луѓето за кои не знам ни откаде се?“ 12Давидовите момоци се свртија и се вратија по својот пат. Кога се вратија, му ги јавија сите овие зборови на Давида. 13А Давид им рече на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!“ И го препашаа секој својот меч, и Давид го препаша својот, и околу четири стотини луѓе тргнаа по Давида, додека двеста останаа кај товарот.
2. Авигеја го смирува Давида
14А на Наваловата жена, Авигеја, ѝ го јави еден од Наваловите слуги ова: „Ете, Давид испрати гласници од пустината, за да го поздрават нашиот господар, а тој ги истера. 15А тие луѓе беа многу добри со нас; не нѐ ѓибаа, ништо не загинавме додека бевме во нивна близина, кога бевме во полето. 16Ноќе и дење ни беа како тврдина за сето време додека бевме со нив пасејќи ги стадата. 17Размисли сега и види што ќе направиш, зашто е готова погибелта на нашиот господар и на сиот негов дом; а тој е опак човек кому не може ништо да му се рече.“
18Авигеја зеде бргу двеста лебови, два мевови со вино, пет зготвени овци, пет мерки пржено жито, сто гроздови суво грозје, двеста смоквини колачиња, и го натовари сѐ тоа на ослици. 19И им заповеда на своите слуги: „Тргнете пред мене, а јас ќе идам по вас.“ Ништо не му кажа на својот маж Навал. 20Додека, јавајќи на осле, слегуваше зад горскиот завој, Давид со своите луѓе слегуваше спроти неа, така што таа се сретна со нив. 21А Давид токму мислеше: „И така напразно го заштитував во пустината сѐ тоа што тој човек го имаше, и ништо не му снема од сѐ што имаше во сопственост! Сега ми враќа зло за добро! 22Господ нека му го направи на Давида ова зло и нека му додаде друго, ако до мугрите му го оставам на Навала од сѐ што има и она што мокри покрај ѕид!“
23Кога Авигеја го здогледа Давида, брзо слезе од ослето и падна пред Давида ничкум, поклонувајќи се до земја. 24Откако му се фрли така пред нозете, рече: „Господару, нека вината падне врз мене! Дозволи ѝ на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на својата слугинка. 25Мојот господар нека не гледа на оној опак човек, на Навал, зашто тој со право го носи своето име: се вика безумник и лудоста е со него. А јас, твојата слугинка, не ги видов момоците кои ги испратил мојот господар. 26Затоа сега, господару, живиот ми Господ, и така да бидеш жив ти, и така ти Господа, Кој те запази за да не навалиш врз себеси крвна кривица и за да не ја набавиш за себе правдата со својата рака: нека поминат како Навала твоите непријатели и оние кои му кројат зло на мојот господар! 27А овој подарок, што твојата слугинка му го носи на својот господар, нека им биде даден на момоците кои што одат по мојот господар на неговите патишта. 28Прости ѝ ја вината на својата слугинка! Навистина Господ ќе му основе траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви, и за време на сиот твој живот нема да се најде зло на тебе. 29Ако некој се дигне да те гони и да ти работи за главата, животот на мојот господар нека биде сохранет во ризницата на животот кај Господа, твојот Бог, а животот на твоите непријатели нека го фрли Тој како од праќка. 30И кога Господ ќе му го направи на мојот господар секое добро што ти го ветил, и кога ќе те одреди да бидеш кнез над Израел, 31тогаш нека не му биде за смут ниту за гризење на совеста на мојот господар дека пролеа крв за ништо и дека ја набави за себе правдата со својата рака. И кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, тогаш спомни си за својата слугинка!“
32Давид ѝ одговори на Авигеја: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет! 33Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака. 34Ама, така ми живиот Господ, Израелевиот Бог, Кој не дозволи да ти направам зло: да не ми излезеше така брзо во пресрет, навистина на Навала не ќе му останеше до утрото ни она што мокри покрај ѕид!“ 35Тогаш Давид го прими од нејзините раце она што му го беше донесла, и ѝ рече: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе.“
3. Навалова смрт
36Кога Авигеја се врати кај Навал, тој токму имаше гозба во куќата, вистинска царска гозба: Навал беше весел и сосем пијан; затоа таа не му рече ништо додека не осамна утрото. 37А наутро, кога Навал се отрезни, му раскажа неговата жена сѐ што се случило, а нему му замре срцето во градите, и тој остана како да се скаменил. 38А на десеттина дена потоа Господ го удри Навала, та умре.
39Кога Давид чу дека умре Навал, рече: „Нека е благословен Господ, Кој ми ја исправи неправдата што ми ја направи Навал; и Господ го запази својот слуга да не направи зло, а ја навали Наваловата злоба на неговата глава!“ Потоа Давид испрати порака до Авигеја дека ќе ја земе за жена. 40Давидовите слуги дојдоа при Авигеја во Кармил и ѝ рекоа: „Давид нѐ испрати кај тебе за да те земе за жена.“ 41А таа стана, се поклони до земјата и рече: „Еве ја твојата слугинка која е спремна да биде робинка и да ги мие нозете на слугите на својот господар!“ 42Потоа Авигеја стана и бргу го зајава ослето, а по неа тргнаа нејзините пет слугинки. Така отиде по Давидовите посланици и стана негова жена.
43Давид се беше оженил и со Ахиноама од Езраел, и двете му беа жени. 44Зашто Саул својата ќерка Михала, Давидовата жена му ја беше дал на Фалтиј, синот Лаисов од Галим.
Селектирано:
1 САМОИЛ 25: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.