1 САМОИЛ 20
20
7. Давид и Јонатан
а. Јонатан се застапува за Давида
1Давид избега од Најот во Рама и дојде кај Јонатана та му рече: „Што направив? Каква беше мојата вина и што му згрешив на татка ти, та го бара мојот живот?“ 2А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?“ 3Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.“ 4Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?“ 5А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта. 6Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’ 7Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби. 8И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?“ 9А Јонатан му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Кога би знаел веродостојно дека мојот татко наумил цврсто за да навали несреќа врз тебе, зар јас не би ти јавил?“ 10Давид го праша Јонатана: „А кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори нешто лошо?“ 11Јонатан му одговори на Давида: „Дојди, да излеземе во полето!“ И двајцата излегоа во полето.
б. Давидов сојуз со Јонатана
12Тогаш Јонатан му рече на Давида: „Господ Израелевиот Бог, нека ми биде сведок! Јас ќе го искушам татка си, утре во ова време. Ако биде добро за Давида, а јас не испратам кај тебе за да те известам, 13Господ нека му го направи тоа зло на Јонатана и нека му додаде друго зло! Ако на татка ми му биде мило да ти направи зло, ќе ти јавам, и ќе те пуштам да си отидеш во мир; и Господ нека биде со тебе, како што беше со мојот татко! 14Ако јас уште бидам жив, ќе можеш да ми ја искажеш Господовата милост; 15Ако умрам, не крати му ја твојата добрина на мојот дом довека! Кога Господ ќе ги откорне редум Давидовите непријатели од лицето на земјата, 16Јонатан се заветува со домот Давидов, дека Господ ќе бара сметка за тоа од рацете на Давидовите непријатели.“ 17Тогаш Јонатан му се заколна уште еднаш на Давида во својата љубов, зашто го љубеше со сета љубов на својата душа.
в. Три стрели: знак за опасност
18Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно. 19Задутре ќе види уште поочигледно дека те нема, а ти дојди на местото каде што се скри во денот на оној настан, и седни при каменот Езел. 20А јас ќе фрлам три стрели кон онаа страна како да гаѓам цел. 21А тогаш ќе го испратам момокот и ќе му речам: ‘Оди! најди ја стрелата!’ Ако тогаш му викнам на момокот ‘Внимавај стрелата е ваму поблизу од тебе, донеси ја!’ - ти тогаш дојди, зашто има мир за тебе и нема никаква опасност, така ми живиот Господ! 22Ако му викнам на момокот: ‘Внимавај! стрелата е онаму подалеку од тебе’ - ти тогаш отиди си, зашто Господ те праќа оттука. 23А за овој договор, за кој се договоривме јас и ти, Господ нека е сведок меѓу мене и тебе довека!“
г. Јонатан го брани Давида пред Саула
24Потоа Давид се скри во полето. И кога излезе нов месец царот седна покрај столот за да јаде. 25Царот седна на своето вообичаено место, на местото до ѕидот, Јонатан се смести спроти него, Авенир седна покрај Саула, а Давидовото место остана празно.
26Ама Саул не рече ништо во оној ден, зашто мислеше: „Му се случило нешто, та не е чист.“ 27Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?“ 28А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем. 29Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.“
д. Саулов гнев на Јонатана
30Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти! 31Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.“ 32А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?“ 33Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида. 34Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди.
ѓ. Јонатан го предупредува Давида
35Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок. 36И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.“ И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него. 37Кога момокот дојде до местото каде што беше стрелата, што ја фрли Јонатан, Јонатан му викна на момокот: „Не е ли стрелата онаму подалеку од тебе?“ 38Уште Јонатан му викна на момокот: „Побргу! Побрзај! Не стој!“ Јонатановиот момок ја крена стрелата и му ја донесе на својот господар. 39Момокот не забележа ништо, само Јонатан и Давид знаеја за што се работи. 40Тогаш Јонатан му го предаде оружјето на момокот и му рече: „Оди си и однеси го тоа во градот!“ 41Кога си отиде момокот, Давид излезе од кон југ, падна ничкум на земјата и се поклони трипати. Потоа се изљубија и плачеа заедно, но Давид плачеше повеќе. 42Потоа Јонатан му рече на Давида: „Оди си во мир! За тоа што двајцата се заколнавме во Господовото име, Господ нека биде сведок меѓу мене и тебе, меѓу моето потомство и твоето потомство довека!“ 43Тогаш Давид стана и си отиде, а Јонатан се врати во градот.
Селектирано:
1 САМОИЛ 20: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.