Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 17:1-16

1 ЦАРЕВИ 17:1-16 MKB

Тесвиецот Илија, од Галадската Тесва, му рече на Ахава: „Живиот ми Господ, Израелевиот Бог, Кому Му служам, во овие години ќе нема ни роса ни дожд, освен по моја заповед.“ Господовото слово му беше упатено вака: “Оди оттука и тргни кон исток, и скриј се при потокот Херит, што е спроти Јордан. Ќе пиеш од потокот, а на гавраните им заповедав да те хранат таму.“ Тој отиде и направи според Господовото слово, и се настани при потокот Херит, спроти Јордан. Гавраните му донесуваа леб наутро, а месо навечер; пиеше од потокот. Ама по некое време потокот пресуши, зашто немаше дожд во сета земја. Тогаш му дојде Господовото слово на Илија: “Стани, оди во Сидонска Сарепта и остани таму. Еве, таму ѝ наредив на една вдовица да те храни.“ Тој стана и тргна во Сарепта. Кога стигна до градската врата, некоја вдовица собираше дрва таму; тој ѝ се обрати и рече: „Донеси ми малку вода во врчвата, да пијам!“ Кога тргна да донесе, тој викна по неа и ѝ рече: „Донеси ми и малку леб во раката!“ Таа одговори: „Живиот ми Господ, твојот Бог, јас немам печен леб, немам освен грст брашно во сад и малку масло во врчва. И еве собирам дрва, па ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за сина си, за да го поделиме и да умреме.“ Но Илија ѝ рече: „Не бој се. Оди и направи како што рече; само замеси ми првин колаче, па ми го донеси; а тогаш зготви си за себе и за сина си. Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сѐ додека Господ не пушти да падне дожд на земјата.’“ Таа отиде и направи како што ѝ рече Илија; и имаа јадење за многу денови, таа, тој и нејзиниот син. Брашното од садот не се потроши и во врчвата не снема масло, според словото што Господ го рече преку својот слуга Илија.