Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 КОРИНТЈАНИТЕ 9:14-23

1 КОРИНТЈАНИТЕ 9:14-23 MKB

Така, Господ им нареди на оние, кои го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието. А јас не се ползував со ништо од сѐ тоа. А и ова не го напишав за да ми биде така, зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој да ми ја уништи пофалбата. Ако пак го проповедам Евангелието нема за што да се фалам, зашто неопходноста ми е наложена. И тешко мене, ако не го проповедам Евангелието! Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, сѐ уште мене ми е доверено управувањето. Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието; и да не го исползувам наполно своето право во Евангелието. Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе. На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот. На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон. На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сѐ, та по секаков начин да спасам некои. А сѐ тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него.