Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 9:14-23

1 Коринтјаните 9:14-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието. Но јас не ползував ништо од тоа; и не го напишав ова за да се направи така за мене. Зашто за мене е подобро да ум­рам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе. Зашто, ако проповедам Евангелие, тоа не е за моја пофалба: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене ако не го про­поведам. Ако доброволно го вршам тоа, то­гаш имам награда; а ако без своја волја – тогаш е тоа само извршување на служба што ми е доверена. А каква ми е наградата? Про­по­ве­дајќи да го предавам Евангелието бес­платно, не ползувајќи го своето право од благовестувањето. Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам: за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон; за оние што се без закон, станав ка­ко да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та на каков и да било начин да спасам некои од нив. А ова го правам поради Еван­ге­ли­ето за да бидам соучесник во него.

1 Коринтјаните 9:14-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат. Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест. Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест! Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери. Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник. Јас не бев должен да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата, но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос. Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон. Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон. Кога сум со сиромаси и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. Кон сите се сообразив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив. Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи.

1 Коринтјаните 9:14-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Така, Господ им нареди на оние, кои го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието. А јас не се ползував со ништо од сѐ тоа. А и ова не го напишав за да ми биде така, зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој да ми ја уништи пофалбата. Ако пак го проповедам Евангелието нема за што да се фалам, зашто неопходноста ми е наложена. И тешко мене, ако не го проповедам Евангелието! Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, сѐ уште мене ми е доверено управувањето. Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието; и да не го исползувам наполно своето право во Евангелието. Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе. На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот. На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон. На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сѐ, та по секаков начин да спасам некои. А сѐ тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него.