Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 КОРИНТЈАНИТЕ 7

7
За брак и девственост
1Што се однесува за она за што ми пишавте: добро е за човекот да не се допира до жена, 2но заради блудствата секој нека има своја жена и секоја жена свој маж. 3Мажот нека ја исполнува својата должност спрема жената; а исто така и жената спрема мажот! 4Жената нема власт над своето тело, туку мажот; исто така и мажот нема власт над своето тело, туку жената. 5Не лишувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да ѝ се предадете на молитвата; потоа состанувајте се пак, за да не ве искушува сатаната, заради вашата невоздржаност. 6Ова ви го велам како дозвола, а не како заповед. 7Јас би сакал сите луѓе да бидат исто како и јас; но секој има од Бога свој дар, еден ваков друг онаков. 8На неженетите и на вдовиците им велам дека е добро за нив, да останат исто како и јас. 9Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да влегуваат во брак отколку да се распалуваат. 10А на сопружниците не им наредувам јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот; 11ако го напушти нека остане немажена или нека се помири со својот маж; и мажот да не ја остава својата жена.
12А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта! 13А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот, 14зашто мажот кој не верува се осветува преку жената, а жената која не верува се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети. 15Но, ако оној кој не верува напушти - нека напушти! Во таков случај братот или сестрата не се врзани како робови, зашто Бог нѐ повикал да живееме во мир. 16Зашто, откаде знаеш ти, жено, дали не ќе го спасиш мажот? Или откаде знаеш ти, мажу, дека не ќе ја спасиш жената? 17Впрочем, секој нека оди онака, како што Господ му доделил, како што Бог го повикал! Така наредувам по сите цркви.
18Обрезан ли е повикан некој, да не го крие обрезанието; необрезан ли е повикан некој, да не се обрезува! 19Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, туку извршувањето на Божјите заповеди. 20Секој нека остане онаков каков е повикан! 21Ако си повикан како роб? Не грижи се! Туку, ако можеш да станеш и слободен, подобро искористи го тоа, 22зашто оној, кој е повикан како роб во Господа, слободен е во Господа; исто така и оној, кој е повикан како слободен, роб е на Христа. 23Скапо сте купени! Не бидете им робови на луѓето! 24Браќа, секој нека остане пред Бога во она во што е повикан.
25За девиците немам заповед од Господа, но го кажувам своето мнение како оној, кој, добивајќи ја Господовата благодат, е достоен за доверба. 26Според тоа, сметам дека ова е добро заради сегашната потреба; дека е добро за човекот да остане таков, како што си е. 27Сврзан ли си со жена? Не барај развод! Разврзан ли си од жена? Не барај жена! 28Но, иако се ожениш, не грешиш; а ни девицата не греши ако се омажи. Но, таквите ќе имаат телесни неволји, а јас пак се обидувам да ве поштедам.
29Браќа, ви го велам ова: времето е кратко. Затоа, и оние кои имаат жени, да бидат како да ги немаат; 30и кои плачат, како да не плачат; и кои се радуваат, како да не се радуваат; и кои купуваат, како да немаат; 31и кои го ползуваат овој свет, како да не го ползуваат, зашто поминува обликот на светов. 32Би сакал да бидете без грижи. Оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа. 33А женетиот се грижи за земното: како да ѝ угоди на жената, 34та вниманието му е поделено. И немажената жена, девицата, се грижи за Господовото, за да биде света во телото и во духот; а мажената се грижи за светското: како да му угоди на мажот. 35Ова го зборувам за ваша сопствена полза. Не за да ви поставам јамка, туку за да бидете чесни и за да Му служите без пречки истрајно на Господа. 36Мисли ли некој дека постапува неприлично со својата девственост, ако навлегол во години, и дека така треба да биде, нека прави како што сака: не греши, нека се женат! 37А оној, кој стои цврсто во своето срце и нема потреба, туку владее со својата волја, па решил во своето срце да ја запази својата девственост, добро прави; 38така, оној кој се жени, добро прави; а оној којшто не се жени, прави подобро.
39Жената е сврзана додека мажот ѝ е жив. Ако ѝ умре мажот, слободна е да се премажи за кого сака, само во Господа! 40Но, според моето мислење, ќе биде посреќна, ако остане така; а мислам дека и јас имам Божји Дух.

Селектирано:

1 КОРИНТЈАНИТЕ 7: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се