1 КОРИНТЈАНИТЕ 14
14
Ревност за духовни дарови
1Стремете се кон љубовта! Ревнувајте за духовните нешта, а особено да можете да пророкувате! 2Зашто, кој зборува на јазик, не им зборува на луѓето, туку на Бога; имено, никој не го разбира, но зборува тајни во својот дух. 3А кој пророкува, им зборува на луѓето: за поука, опомена и утеха. 4Кој зборува на јазик се изградува себеси, а кој пророкува изградува црквата. 5Би сакал сите да зборувате јазици, а уште повеќе да пророкувате; зашто, оној, кој пророкува е поголем од оној, кој зборува јазици; освен ако ги толкува, та заедницата да добие надградба. 6А сега, браќа, ако дојдам при вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштам или по пат на откровение, или знаење, или пророштво, или поука? 7И бездушните нешта, што даваат глас, како свиролот или харфата, ако не даваат различни звуци, како ќе се познае свирењето на свиролот или харфата? 8Ако трубата дава неопределен звук, кој ќе се подготвува за бој? 9Така и вие: ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате? Ќе зборувате во ветер. 10Во светот има кој знае колку разни гласови, и ниеден не е без значење, 11или, ако не го познавам значењето на говорот, ќе му бидам странец на оној, кој зборува; а оној кој зборува, ќе ми биде туѓинец мене. 12Така и вие, бидејќи покажувате ревност за духовните нешта, настојувајте да ги имате во изобилство за надградба на црквата!
13Затоа оној кој зборува на јазик, нека се моли за да може да го толкува. 14Зашто, ако се молам на непознат јазик, мојот дух се моли, но мојот ум останува без плод. 15Што значи тоа? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот. 16Зашто ако ти благословуваш со духот, како неупатениот ќе рече: „Амин“, на твоето благодарење, кога не знае што зборуваш? 17Зашто, ти навистина благодариш, но другиот не се надградува. 18Му благодарам на Бога дека зборувам повеќе јазици од сите вас; 19но во заедницата повеќе сакам да речам пет збора со мојот ум, за да ги поучувам и другите, отколку десет илјади зборови на непознат јазик.
20Браќа, не бидете деца во умот, туку бидете младенци во злобата, а во умот бидете зрели луѓе! 21Во Законот е напишано: „Преку луѓе, кои говорат на друг јазик и преку усните на туѓинци, ќе му зборувам на овој народ, но и тогаш нема да Ме послушаат - говори Господ.“ 22Затоа јазиците се знак не за оние кои веруваат, туку за неверниците; пророштвото пак не е за неверниците, туку за оние, кои веруваат. 23Ако пак целата црква се собере на едно место, и ако сите зборуваат на непознати јазици, и ако влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? 24Но, ако сите пророкувате, а влезе некој неверник или неупатен, од сите е уверен, и од сите е осуден; 25тајните на неговото срце се откриваат. И откако ќе падне на своето лице, ќе Го прослави Бога и ќе исповеда дека Бог е навистина меѓу вас.
Ред во црквата
26Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сѐ нека биде за надградување! 27Ако некој зборува на јазик; нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа по ред, а еден нека толкува! 28Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бога! 29Пророците пак нека зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат. 30Ако некому, од седнатите, му дојде откровение, првиот нека замолчи! 31Зашто сите можете да пророкувате, еден по еден, за да се поучуваат сите и за да се охрабруваат сите. 32И пророчките духови им се покоруваат на пророците, 33зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот, како што е во сите цркви на светите. 34Жените да молчат во црквите; зашто ним не им е дозволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели Законот. 35Ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома, зашто е срамно жената да зборува во црква. 36Или од вас ли излезе Божјото слово! Или само до вас стигна?
37Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека разбере дека ова, што ви го пишувам, е Господова заповед! 38А кој не сака да го препознае ова, нека не биде препознаен! 39Затоа, браќа мои, ревнувајте за пророкување и не забранувајте да се зборува во јазици! 40И нека сите работи се вршат пристојно и уредно!
Селектирано:
1 КОРИНТЈАНИТЕ 14: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.