Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЛЕТОПИСИ 29

29
3. Повик за дарежливост
1Царот Давид му рече на сиот собир: „Бог го избра мојот син Соломон, младо и нежно момче, а ова е голема работа, зашто дворецот нема да биде за човек, туку за Господ Бог. 2Подготвив колку што можев, за Домот на својот Бог: злато за златните работи и сребро за сребрените, бронза за бронзените, железо за железните, дрво за дрвените; ониксови камења и бесцени камења за всадување, бесцени камења за украс и шарени бесцени камења, секакви скапоцени камења, и изобилство мермер. 3Од љубов кон Бога уште го давам и своето злато и сребро, освен сѐ што подготвив за светиот Дом. 4Три илјади златни таланти офирско злато и седум илјади таланти чисто сребро, за да бидат обложени ѕидовите на просториите. 5Злато за златните работи, а среброто за сребрените и за секое дело на уметнички раце. Дали денес уште некој сака да Му приложи нешто со својата рака на Господа?“
6Тогаш доброволно приложија кнезовите на семејствата и кнезовите на израелските племиња, илјадниците, стотниците и надгледувачите над царските работи. 7Дадоа за служба во Божјиот Дом пет илјади таланти злато и десет илјади златници - драхми, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бронза, сто илјади таланти железо. 8Во кого се најдоа бесцени камења, сите даруваа во ризницата на Господовиот Дом, на рацете на Гирсоновецот Јехил. 9Народот се веселеше зашто прилагаа доброволно, зашто Му прилагаа со искрено срце на Господа; и царот Давид се радуваше многу.
4. Давидова молитва
10Потоа Давид Го благослови Господа пред сиот собир. И Давид рече: „Благословен да си, Господи, Боже на нашиот татко Израел, одвека довека! 11Твоја е, Господи, величината, силата, славата, сјајот и величеството, зашто е Твое сѐ што е на небото и на земјата; Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сѐ, Главатар на сѐ! 12Од Тебе се богатсвото и славата, Ти владееш над сите, во Твојата рака се силата и моќта, во Твојата власт е да направиш големо и силно сѐ. 13И Те славиме, Боже наш, и Го фалиме Твоето славно Име.“
14“Кој сум јас, и што е мојот народ, за да имаме сила да Ти принесеме Тебе доброволно оволку? Од Тебе е сѐ, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе! 15Придојденици сме пред Тебе, населници како сите наши татковци; нашите денови на земјата минуваат како сенка, и нема надеж. 16Господи, Боже наш, сето ова големо богатство што го подготвивме за градење на Дом за Тебе, за Твоето свето Име, од Твојата рака е, и сѐ е Твое! 17Но знам, о Боже мој, дека Ти ги испитуваш срцата и дека ја љубиш искреноста; јас го принесов сѐ ова доброволно со искрено срце, и со радост го гледав Твојот народ, кој е тука, како Ти принесува доброволно. 18Господе, Боже на нашите татковци Авраам, Исак и Јаков, запази ја довека во срцето на Својот народ таа мисла и намера и насочи го неговото срце кон Себе! 19А на мојот син Соломон дај му чесно срце за да ги пази Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите уредби, за да врши сѐ и за да го изгради дворецот за кого подготвив сѐ!“ 20Тогаш Давид му рече на сиот собир: „Благословете Го сега Господа, својот Бог!“ И сиот собир Го благослови Господа, Бога на своите татковци и, откако падна ничкум, им се поклони на Господа и на царот. 21Му жртвуваа на Господа жртви и Му принесоа на Господа паленици утреден: илјада јунци, илјада овни, илјада јагниња со нивните налевници, многу други жртви за сиот Израел. 22Јадеа и пиеја пред Господа во оној ден, радувајќи се многу. Го зацарија повторно Давидовиот син Соломон и го помазаа според Господовата волја за врховен управител, а Садок за свештеник. 23Така Соломон седна на Господовиот престол за да царува на место на својот татко Давид. Беше среќен, и сиот Израел го слушаше. 24Сите кнезови и јунаци, и сите синови на цар Давид, му ја подадоа раката на Соломон и му ветија свечено покорност. 25Господ го возвиши многу Соломона пред очите на сиот Израел и му даде на неговото царство величество какво немаше ниеден цар пред него во Израел.
6. Давидова смрт
26Така Јесеевиот син Давид царуваше над сиот Израел. 27Царуваше четириесет години над Израел; царуваше седум години во Хеврон; царуваше триесет и три години во Ерусалим. 28Почина во добра старост, наситен од животот, од богатството и од славата. На неговото место се зацари син му Соломон. 29Делата на царот Давид, од првото до последното, опишани се во записите на гледачот Самоил, во записот на пророкот Натан и во записот на гледачот Гад, 30со сето негово царување, со неговите јунаштва и со настаните што поминаа преку него, и преку Израел, и преку сите други земни царства.

Селектирано:

1 ЛЕТОПИСИ 29: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се