Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 13

13
Од морето излегува ѕвер со седум глави, а од земјата друг ѕвер со два рога.
1Потоа застанав на морскиот песок и видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рогови; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови – богохулни имиња.
2Ѕверот, кого го видов, прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата – како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт.
3И видов, дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змевот, кој што му беше дал власт на ѕверот;
4му се поклонија и на ѕверот, велејќи: »Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?«
5Нему му се даде уста, што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеца.
6Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога, за да го похули името Негово, живеалиштето Негово и оние, што живеат на небото.
7И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ.
8И му се поклонија сите жители земни, чии имиња не се запишани во книгата на животот при Агнецот, заклан од созданието на светот.
9Кој има уво, нека чуе:
10кој во ропство води, во ропство ќе биде одведен; кој со меч убие, со меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите.
11И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змев.
12И со сета власт на првиот ѕвер тој дејствуваше пред него и ја тераше целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила;
13и правеше големи чуда, па дури и оган да симнува од небото на земјата пред луѓето.
14И ги мамеше жителите земни со чудата, што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на жителите земни да му направат лик на ѕверот, кој што имаше рана од меч и остана жив.
15И му се даде да вложи дух во ликот на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние, кои нема да му се поклонат на ѕверовиот образ.
16И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни,
17та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово.
18Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.

Селектирано:

Откровение 13: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност