Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 1

1
Јован го објавува доаѓањето на Исуса Христа. Крштавањето на Исуса и Неговото искушување. Исус го проповеда Евангелието, ги повикува учениците и исцелува болни.
1Почеток од Евангелието на Исуса Христа, Син Божји,
2како што е напишано кај пророците: »Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој што ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.«
3Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.
4Се јави Јован, крштавајќи во пустината, и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите.
5И излегуваа при него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови.
6А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед.
7И проповедаше, велејќи: »По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.
8Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.«
9А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.
10И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него.
11И се чу глас од небесата: »Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.«
12Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина.
13И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја.
14А потоа, кога Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо,
15и велеше: »Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.«
16И, одејќи покрај Галилејското Море, го виде Симона и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.
17Исус им рече: »Врвете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!«
18И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
19Па, штом одмина малку, го виде Јакова Зеведеев и брата му Јована, исто така во кораб, како ги крпат мрежите свои;
20веднаш ги повика и нив. И тие, оставајќи го татка си Зеведеја во коработ со наемниците, тргнаа по Него.
21И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата влезе Он во синагогата и поучуваше.
22И се чудеа на Неговата наука, оти Он ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците.
23Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи:
24О, што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!
25Но Исус му забрани, велејќи: »Молкни и излези од него!«
26Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со висок глас и излезе од него.
27И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: »Што е ова?! И какво е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?«
28И одеднаш се разнесе глас за него по целиот крај Галилејски.
29Па, како излегоа од синагогата, дојдоа со Јакова и Јована во куќата на Симона и Андреја.
30А баба му на Симона лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа.
31И кога пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана; и почна да ги послужува.
32А приквечер, кога заоѓаше сонцето, носеа при Него секакви болни и бесни.
33И целиот град се беше собрал пред портата.
34И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу бесови и не им позволуваше на бесовите да кажуваат, дека знаат оти е Он Христос.
35А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.
36А Симон, и оние што беа со Него, поитаа по Него;
37па, кога Го најдоа, Му рекоа: »Сите Те бараат.«
38А Он им рече: »Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум излегол.«
39И проповедаше во нивните синагоги по цела Галилеја и изгонуваше бесови.
40И дојде при Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: »Ако сакаш, можеш да ме очистиш.«
41А Исус, кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: »Сакам! Очисти се!«
42И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист;
43па, како го отпушти, му заповеда
44и му рече: »Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.«
45А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамотени места. И приоѓаа кај Него отсекаде.

Селектирано:

Марко 1: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се