Матеј 8
8
Христос го исцелува лепрозниот, слугата на стотникот, бабата на Петра и други болни, ги поучува Своите два ученика, ја стивнува бурата и им помага на двајца бесни луѓе.
1А кога слегна од планината, по Него врвеше многу народ.
2И ете, се приближи еден лепрозен. Му се клањаше и говореше: »Господе, ако сакаш, можеш да ме очистиш.«
3А Исус, кога ја пружи раката, се допре до него и рече: »Сакам, очисти се!« И тој веднаш се очисти од лепрата.
4И му рече Исус: »Гледај, никому не кажувај; а оди, покажи им се на свештениците и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.«
5А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи:
6Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.
7Исус му рече: »Ќе дојдам и ќе го излекувам.«
8А стотникот одговори и рече: »Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;
9зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.«
10Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: »Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера.
11И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно,
12а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.«
13И му рече Исус на стотникот: »Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!« И слугата негов во истиот час оздраве.
14Кога дојде во домот на Петра, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,
15и се допре до раката нејзина, и треската ја остави; таа стана и им служеше.
16А кога се стемни, доведоа при Него мнозина бесни, и Он со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,
17за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: »Он ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите.«
18Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.
19Тогаш се приближи до Исуса еден книжник и Му рече: »Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.«
20А Исус му рече: »Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.«
21Друг, пак, од учениците Му рече: »Господи, позволи ми најнапред да отидам да го погребам татка си«
22Но Исус му рече: »Врви по Мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!«
23И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.
24И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Он спиеше.
25Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: »Господи, спаси нѐ, загинуваме!«
26А Он им рече: »Зошто сте толку плашливи, маловерни?« Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.
27А луѓето се зачудија и рекоа: »Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?«
28И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата; беа толку лоши што не смееше никој да мине по тој пат.
29И ете, извикаа и рекоа: »Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?«
30А далеку од нив пасеше голем број свињи.
31И бесовите Го молеа и говореа: »Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињине!«
32И Он им рече: »Отидете!« И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.
33А свињарите побегнаа и, штом дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она, што се беше случило со бесните.
34И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и, кога Го видоа, Го замолија да си отиде од нивниот крај.
Селектирано:
Матеј 8: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016