Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 6

6
Исус го оправдува кинењето класје и исцелувањето на човек со сува рака во сабота. Проповед на гората.
1Во првата сабота, по вториот ден од Пасха, намисли да мине преку нивјата и учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа.
2А некои од фарисеите им рекоа: »Зошто го правите тоа, што не бива да се прави во сабота?«
3Исус им одговори и рече: »Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне сам тој и оние што беа со него?
4Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние, што беа со него!«
5И им рече: »Синот Човечки е господар и на саботата.«
6Потоа, пак, и другата сабота влезе во синагогата и поучуваше; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена.
7Книжниците и фарисеите гледаа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да Го обвинат.
8Но Он, знаејќи ги нивните помисли, му рече на човекот со исушената рака: »Дигни се и застани насреде!« И тој се дигна и застана,
9Тогаш им рече Исус: »Ќе ве запрашам: што е позволено да прави човек во сабота – добро или зло? Да спаси ли една душа или да ја погуби?« А тие молчеа.
10Па, откако ги изгледа сите му рече на човекот: »Протегни ја раката своја!« Тој направи така; и раката му стана здрава како другата.
11А оние се разгневија многу и се советуваа помеѓу себе, што да Му направат на Исуса.
12Тие денови се искачи на една гора, за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога.
13А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече и апостоли:
14Симона, кому што му даде и име Петар, и брата му Андреја, Јакова и Јована, Филипа и Вартоломеја,
15Матеја и Тома, Јакова Алфеев и Симона, наречен Зилот,
16Јуда Јаковов и Јуда Искариот, кој Го и предаде.
17Па како слезе заедно со нив, Он се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско,
18кои беа дошле да Го чујат и да се исцелат од болестите свои, како и оние што страдаа од нечисти духови; и се излекуваа.
19И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.
20А Он, како ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: »Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо!
21Блажени сте вие, што сега гладувате, оти ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете!
22Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки!
23Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата. Зашто така постапуваа со пророците и нивните татковци!
24Но тешко вам, богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!
25Тешко вам, преситени сега, оти ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!
26Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто така им правеа на лажните пророци и нивните татковци!
27Но вам, што слушате, ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;
28благословувајте ги оние што ве навредуваат!
29На оној, што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној, што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата.
30Секому, кој ти бара, подај; а од оној, што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!
31Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!
32И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив.
33И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа.
34И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото.
35Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите.
36И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.
37Не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено;
38давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.«
39И им кажа парабола: »Може ли слепец слепец да води? Не ќе паднат ли обајцата во јама?
40Нема ученик поголем од својот учител; но секој, што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.
41И зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја забележуваш?
42Или, како можеш да му кажеш на својот брат: позволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си.
43Оти, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод.
44Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина.
45Добриот човек од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште на своето срце изнесува лошо; оти, од преполнето срце зборува устата негова.
46И зошто ми велите: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам?
47Секој што иде при Мене и ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува, ќе ви кажам на кого прилега.
48Тој прилега на човек, кој прави куќа, па ископа и продлабочи, и постави темели на камен; а кога настана наводнение, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, оти беше основана на камен.
49А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек, што направил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш ја урна, и паѓањето на таа куќа беше големо.«

Селектирано:

Лука 6: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

Видео за Лука 6