Лука 17
17
За соблазната, простувањето, верата и делата. Исцелението на десетмина лепрозни луѓе. Иднината на царството Божјо.
1И им рече Исус на учениците Свои: »Не е можно да не дојдат соблазни, но тешко на оној, преку кого доаѓаат;
2за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие помали.
3Пазете на себе. Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае – прости му.
4И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‚Се кајам‘ – прости му.«
5И Му рекоа апостолите на Господа: »Засили ја во нас верата!«
6А Господ им рече: »Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на оваа црница: ‚Откорни се и пресади се в море!‘ и таа би ве послушала.
7Кој од вас, кога се врати неговиот слуга од поле, орач или овчар, веднаш ќе му рече: ‚Дојди бргу и седни на трпеза!‘
8Нема ли да му каже: ‚Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ми дури јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘
9Зар ќе му благодари на тој слуга, што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не.
10Па така и вие, кога исполните сѐ, што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме.‘«
11А кога одеше за Ерусалим, Он поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.
12И кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку,
13па со силен глас повикаа: »Исусе Наставниче, смилуј се!«
14Штом ги виде, им рече: »Отидете и покажете им се на свештениците!« И тие, одејќи, се очистија.
15А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се поврати и Го прослави Бога гласно;
16и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.
17Исус, пак, одговори и рече: »Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината?
18Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?«
19И му рече: »Стани, оди си! Твојата вера те спаси!«
20Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде царството Божјо, Он им одговори: »царството Божјо нема да дојде забележливо,
21ниту ќе кажат: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Ене, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.«
22И им рече: »Ќе дојдат дни, кога ќе сакате да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите:
23и ќе ви речат: ‚Еве, овде е‘ или ‚Ене, онде е‘. – Не одете и не барајте!
24Зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.
25Но, најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.
26Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:
27јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите.
28Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;
29но во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите;
30така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки.
31Во тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; и кој е в поле, исто така, да не се враќа.
32Сеќавајте се на Лотовата жена.
33Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја погуби; а кој ја погуби, ќе ја оживи.
34Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават;
35две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават;
36двајца ќе бидат на нива: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.«
37И, кога одговорија, Му рекоа: »Каде, Господи?« А Он им рече: »Каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите.«
Селектирано:
Лука 17: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016