Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 5

5
Исцелувањето на триесетосумгодишен болен човек во бањата Витезда. Исус зборува за Себеси како Судија и за Оној што воскреснува мртви.
1Потоа беше празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим.
2А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови.
3Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, суви, кои очекуваа да се раздвижи водата,
4зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше.
5Имаше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години.
6Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: »Сакаш ли да оздравиш?«
7Болниот Му одговори: »Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.«
8Исус му рече: »Стани, земи ја постелката своја и оди си!«
9И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота.
10Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: »Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!«
11Но тој им одговори: »Оној, што ме излекува, ми рече: ‚Земи ја постелката своја и оди!‘«
12А тие го прашаа: »Кој е човекот што ти рече: ‚Земи ја постелката своја и оди?‘«
13Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ.
14А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: »Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!«
15А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној, што го излекувал.
16И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да Го убијат, оти тоа го вршеше во сабота.
17А Исус им одговараше: »Мојот Отец досега работи, и Јас работам.«
18Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, оти не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го наречуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.
19А Исус им одговори на тоа и рече: »Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот.
20Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што прави Сам; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.
21Оти, како што Отецот воскреснува од мртви и оживува, така и Синот ги оживувава оние, кои што сака.
22Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот;
23та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој што Го пратил.
24Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот.
25Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат.
26Оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;
27и Му даде власт да осудува, оти е Син Човечки.
28Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји,
29и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
30Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, оти не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил.
31Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинско.
32Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинско тоа сведоштво, со кое Он сведочи за Мене.
33Вие пративте при Јована и тој ви посведочи за вистината.
34Само Јас не го примам сведоштвото од човек; туку го кажувам ова, за да се спасите вие.
35Тој беше светило, што гори и свети, а вие малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина.
36Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; оти делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот.
37И Отецот, Кој Ме прати, Сам посведочи за Мене. А вие ни гласот Негов никогаш не сте го чуле, ниту лицето Негово сте го виделе.
38И зборовите Негови не се во вас, зашто не верувате во Оној, Кого Го пратил Он.
39Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене.
40Но не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот.
41Од луѓе слава не примам,
42но ве разбрав, дека во себе љубов Божја немате.
43Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите.
44Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?
45Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да говори против вас – Мојсеј, на кого вие се надевате.
46Оти, ако бевте му верувале на Мојсеја, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене.
47Ако, пак, на неговите напишани работи не поверувавте, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови?«

Селектирано:

Јован 5: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се