Јован 14
14
Разговорот Исусов со учениците при разделбата. Ветувањето на Светиот Дух.
1Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте.
2Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место.
3И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.
4А каде одам Јас знаете, и патот го знаете.
5Тома Му рече: »Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?«
6Исус му рече: »Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене.
7Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.«
8Филип Му рече: »Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!«
9Му одговори Исус: »Толку време сум со вас, и не си ли Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, и како ти велиш: ‚Покажи ни Го Отецот?‘
10Не верувате ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот, Кој е секогаш во Мене, Он ги врши делата.
11Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата.
12Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; оти Јас си одам при Својот Отец;
13и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот.
14Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.
15Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.
16Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека,
17Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.
18Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас.
19Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.
20Во оној ден вие ќе разберете, дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.
21Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.«
22Му рече Јуда, не Искариот: »Господи, што е тоа дека сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?«
23Исус одговори и му рече: »Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме.
24Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото, што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме прати.
25Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.
26А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал.
27Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои.
28Чувте дека Јас ви реков: ‚Одам од вас и пак ќе дојдам при вас.‘ Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене.
29И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате.
30Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо.
31Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така и правам. Станете да си одиме одовде!«
Селектирано:
Јован 14: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016