Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Авакум 3

3
Пророковата молитва полна со радосна надеж.
1Молитвата на пророкот Авакум – за пеење.
2Господи, чув вест од Тебе и се уплашив. Господи, запази го делото Свое меѓу години, објави го во текот на годините, а во гневот Свој сети се на милост.
3Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран. Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата.
4Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила.
5Пред лицето Негово врви поразија, а по стапките Негови ветар што гори.
6Он стана и земјата се затресе; погледа – и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни.
7Натажени ги видов шаторите етиопски; се стресоа сениците на земјата Мадијамска.
8Зар против реките, Господи, пламнал гневот Твој? Зар против реките е Твоето негодување, или, пак, против морето е јароста Твоја – па си седнал на коњите Свои, на победничките бојни коли?
9Ти го извади лакот Свој според клетвениот завет, даден на колената, ја раздели земјата со реки.
10Кога те видов, планините затреперија, водите навалија; бездната го пушти гласот свој и угоре ги крена рацете свои.
11Сонцето и месечината застанаа на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои.
12Во гнев одиш по земјата и во негодување ги газиш народите.
13Ти излегуваш за спасение на народот Твој, за спасение на помазаникот Свој. Ти ја поразуваш главата на нечестивиот дом, оголувајќи го од петите до врвот.
14Со копјата нивни Ти ја пронизуваш главата на нивните водачи, кога како виор се спуштаат да ме разбијат, радосни, оти мислеа дека скришум ќе го проголтаа сиромавиот.
15Со коњите Свои отвори пат преку морето, преку длабините на големите води.
16Јас чув и внатрешноста моја затрепери, при гласот Твој затреперија и усните мои, болка почувствував во коските мои, и местото под мене трепери; а јас требаше да бидам спокоен во денот на бедата, кога ќе дојде грабителот против мојот народ.
17Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема,
18јас и тогаш ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение.
19Господ Бог е мојата сила: Он ќе ги направи нозете мои како на елен и ќе ме поведе по височините мои.

Селектирано:

Авакум 3: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се