Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 45

45
Јосиф им се открива на своите браќа и бара таткото негов да дојде во Египет.
1Тогаш Јосиф, не можејќи повеќе да се воздржи пред оние кои стоеја околу него, извика: »Отстранете ги сите од мене.« И така никој не остана при Јосифа кога им се откри на браќата свои.
2Па заплака силно, така што чуја Египтјаните, а се чу и во домот на Фараонот.
3И им рече Јосиф на браќата свои: »Јас сум Јосиф! Дали е уште жив татко ми?« Но браќата не можеа да му одговорат, бидејќи се смутија пред него.
4Но Јосиф им рече на браќата свои: »Дојдете поблизу до мене!« И тие пристапија; а тој им рече: »Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет.
5А сега, пак, не жалостете се ниту да жалите што ме продадовте ваму, оти Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш.
6Оти има веќе две години, откако настапи глад на земјата, а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва.
7Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување.
8И така, не ме пративте вие ваму, туку Бог. Кој ме постави како татко на Фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата земја Египетска.
9Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‚Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди при мене, не одлагај.
10Ќе живееш во земјата Гесем Арабиски и ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и овците твои, и воловите и сѐ што е твое.
11А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја, зашто глад ќе има на земјата уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сѐ, што е твое.‘
12И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа, дека мојата уста ова ви го зборува.
13Раскажете му на таткото мој за сета слава моја во Египет и за сѐ што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.«
14Потоа го прегрна братот свој Венијамина и плачеше над него. А и Венијамин плачеше, над братот негов.
15И ги целива сите браќа свои и плачеше над нив, прегрнувајќи ги. Потоа неговите браќа разговараа со него.
16Тогаш глас се пренесе во домот на Фараонот, дека пристигнале браќата на Јосифа. И се зарадува Фараонот и слугите на неговите дворјани.
17И му рече Фараонот на Јосифа: »Кажи им на браќата твои – еве што ќе направите: ‚Натоварете ги ослите ваши, и вратете се во земјата Хананска.
18Па земете го таткото ваш и сѐ што е ваше и дојдете кај мене, и ќе ви ја дадам најубавата земја што ја има во Египет, и така вие ќе живеете во изобилие во оваа земја.‘
19А тебе, пак, ти заповедам да им кажеш – Вака направете: ‚Земете со себе од земјата Египетска коли за децата ваши и за жените ваши, и поведете го таткото ваш, и дојдете ваму.
20И немојте да жалите за покуќнината ваша, зашто сѐ, што е најубаво во земјата египетска, ќе биде ваше.‘«
21И синовите Израилеви така постапија. А Јосиф им даде коли, по наредба на Фараонот; им даде и храна за по пат.
22И на секого им даде по две облеки, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет промени.
23А и на татка си свој му испрати десет осли, натоварени со најубави работи, што имаше во Египет, и десет ослици, натоварени со жито и храна на татка му за по пат.
24Тогаш ги испрати браќата свои, и тие тргнаа; а им порача: »Немојте да се карате патем!«
25И така тие излегоа од Египет, и стигнаа во земјата Хананска кај Јакова, таткото нивни.
26И му раскажаа сѐ, велејќи: »Јосиф, синот твој е жив, и тој е господар над целата земја Египетска.« А неговото срце се смути, зашто не им веруваше.
27Но, кога му раскажаа за сѐ, што им беше рекол Јосиф, и кога ги виде колите, што му ги беше испратил Јосиф, за да го земат, тогаш оживе духот на Јакова, таткото нивни.
28И рече Израил: »Доволно е што е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам.«

Селектирано:

Битие 45: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се