Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 42

42
Патот во Египет на синовите од Јакова без Венијамина.
1Кога Јаков чу дека во Египет има жито, им рече на синовите свои: »Што чекате?«
2И им рече: »Ете, слушам дека во Египет има жито; одете таму и купете ни жито, за да останеме живи и да не умреме.«
3И десетмината браќа Јосифови отидоа во Египет да купат жито.
4А Венијамина, братот Јосифов, Јаков не го пушти со браќата негови, велејќи: »За да не го снајде по патот некоја несреќа.«
5И дојдоа синовите Израилеви да купат жито заедно со другите што доаѓаа, бидејќи и во земјата Хананска владееше глад.
6А Јосиф беше управител во земјата; тој и му продаваше жито на сиот народ од таа замја. И браќата Јосифови, кога дојдоа, му се поклонија со лицето доземи.
7А Јосиф, штом ги виде браќата свои, ги позна; но се држеше настрана од нив, и остро им проговори и рече: »Од каде сте дојдени?« А тие одговорија: »Од земјата Хананска, да купиме храна.«
8Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа.
9И се сети Јосиф за соништата, што ги беше сонил за нив, па им рече: »Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја.«
10А тие му рекоа: »Не сме, господару, туку слуги твои, што дошле да купат храна;
11сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи.«
12Тој, пак, им рече: »Не, туку сте дошле да извидите каде е слабоста на оваа земја.«
13А тие рекоа: »Ние бевме дванаесет браќа, слугите твои, синови на еден човек во земјата хананска; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, едниот го нема веќе.«
14Тогаш Јосиф им дофрли: »Ви реков јас – вие сте разузнавачи.
15Туку вака сакам да се уверам: Се колнам во животот на Фараонот, дека вие нема да излезете одовде, ако не дојде ваму најмалиот брат ваш.
16Испратете еден од вас, и тој нека го доведе вашиот брат; а вие ќе бидете задржани овде додека не видам дали е вистина тоа што го велите; инаку сте разузнавачи, жими животот на Фараонот.«
17И ги стави под стража за три дена.
18А на третиот ден им рече: »Ако сакате да останете живи, еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога:
19ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, а вие одете и однесете го купеното жито колку што им треба на вашите семејства.
20А потоа доведете го кај мене најмалиот брат ваш, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе загинете.« И тие постапија така.
21И си рекоа еден на друг: »Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова кога ни се молеше, но ние се оглушивме. О затоа и нѐ снајде ова зло.«
22А Рувим им одговори, велејќи: »Зар не ви реков јас – не грешете му на детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова.«
23А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто се него разговараа преку преведувач.
24Тогаш Јосиф се оддели од нив и заплака. Потоа пак се врати при нив, и проговори со нив, па земајќи го од нив Симеона, го врза пред очите нивни.
25И заповеда Јосиф да им ги наполнат вреќите нивни со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено.
26Па, откако го натоварија житото на ослите свои, си заминаа оттаму.
27А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани ослето свое, и ги виде парите свои одозгора во вреќата;
28им рече на браќата свои: »Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.« И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: »Што ни го направи Бог ова!«
29И, откако дојдоа кај Јакова, таткото нивни, во земјата Хананска, му раскажаа за сѐ, што им се случи, велејќи:
30»Остро зборуваше со нас човекот, што заповеда во таа земја, и нѐ задржа в затвор како разузнавачи.
31А ние му рековма дека сме чесни луѓе, никогаш не сме биле разузнавачи.
32Дванаесет браќа сме синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата Хананска.
33Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие купеното жито земете го и одете си.
34А потоа доведете го при мене братот ваш најмал, за да се уверам дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘«
35И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија.
36И им рече Јаков, нивниот татко: »Децата ми ги запустивте; Јосифа го нема, го нема и Симеона, па и Венијамина ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа.«
37Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: »Двата мои сина уби ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.«
38А тој рече: »Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот, по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб.«

Селектирано:

Битие 42: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се