Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 22

22
Жртвувањето на Исака. Потврдување на заветот. Нахоровите потомци.
1По тие настани Бог, искушувајќи го Авраама, рече: »Аврааме!« А тој одговори: »Еве ме!«
2Бог продолжи: »Земи го сега саканиот син твој Исака, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!«
3И утредента рано, откако стана, Авраам го оседла ослето свое, зеде со себе двајца од слугите свои и Исака, синот свој; па, откако исцепи дрва за жртвата, се крена, појде и дојде на местото, за кое му рече Бог.
4На третиот ден, кревајќи ги очите свои, Авраам го здогледа местото оддалеку.
5И им рече Авраам на слугите свои: »Останете вие овде со ослето, а јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се помолиме, ќе се вратиме кај вас.«
6И зеде Авраам дрва за жртвата, му ги натовари на Исака, синот свој, а самиот тој зеде во свои раце огнило и нож; па отидоа обајцата заедно.
7Тогаш му рече Исак на Авраама, таткото свој: »Татко!« А тој одговори: »Што е, синко!« И рече Исак: »Ете огнило и дрва, а каде е јагнето за жртва?«
8А Авраам одговори: »Бог ќе си предвиди, синко, јагне за жртва.« И обајцата го продолжија патот заедно.
9И стигнаа до местото, за кое му беше рекол Бог. Тука Авраам направи жртвеник, и кладе дрва на него, а откако го врза Исака, синот свој, го стави на жртвеникот врз дрвата.
10Тогаш Авраам ја пружи раката своја и го зеде ножот да го заколе синот свој.
11Но ангел Господен викна од небото, и рече: »Аврааме! Аврааме!« А тој одговори: »Еве ме!«
12И ангелот продолжи: »Не кревај рака своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам, оти се плашиш од Бога штом не го пожали ни саканиот свој син заради Мене.«
13И Авраам ги крена очите свои и погледа: а тоа – зад него овен, кој се беше сплеткал со роговите во гасталакот. И Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе како жртва сепаленица место синот свој.
14И го нарече Авраам ова место: »Господ ќе предвиди.« Затоа и денес се вели: »На горичката Господ се јави.«
15А ангелот Господен повторно го викна од небото Авраама,
16и рече: »Се колнам во Себе – вели Господ – кога така направи, и не го пожали саканиот свој син заради Мене.
17Навистина, Јас ќе те благословам и преблагословам, и потомството твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег! А потомците твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои.
18И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој.«
19Тогаш Авраам се врати при слугите свои, и се кренаа, па се вратија заедно во Вирсавија. И се насели Авраам во Вирсавија.
20По тие настани му јавија на Авраама: »Ете, и Мелха му роди синови на братот твој Нахор!«
21Уз, неговиот првенец, брат му Вуз, и Камуила, таткото на Арамејците,
22Хазада, Азава, Фалдеса, Елдафа и Ватуила.
23А Ватуило ја роди Ревека. Овие осумте му ги роди Мелха на Нахора, братот на Авраама.
24А неговата наложница, по име Ревма, ги роди овие: Тавека, Гама, Тохоса и Моха.

Селектирано:

Битие 22: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се