Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 16

16
Агара го раѓа Исмаила. Нејзиното бегање и враќање.
1Но Сара, жената на Аврама, не му раѓаше. А имаше слугинка Египтјанка, по име Агара.
2И му рече Сара на Аврама: »Ете, Господ ми ја затвори утробата за да не раѓам; туку оди при слугинката моја, можеби ќе добијам деца од неа.« И Аврам се согласи со зборовите на Сара.
3И така, откако Аврам преседе десет години во земјата Хананска, Сара, жената Аврамова, ја зеде слугинката своја, Египтјанката Агара, и му ја даде на мажот свој Аврама за жена.
4И тој влезе при Агара, и таа зачна; а кога виде дека зачна, се возгордеа пред господарката своја.
5А Сара му рече на Аврама: »Навредата моја е вина твоја; јас ти ја препуштив во преград слугинката моја, а таа, гледајќи дека зачна, се возгордеа пред мене. Бог нека суди меѓу мене и тебе.«
6Тогаш Аврам ѝ рече на Сара: »Ете, слугинката твоја е во твои раце, прави со неа што сакаш!« И Сара почна да ја злоставува, и таа избега од неа.
7Но ангел Господен ја најде при изворот во пустињата, при изворот на патот за Сур.
8И ѝ рече: »Агаро, слугинко Сарина, од каде доаѓаш и каде одиш?« А таа рече: »Бегам од Сара, господарката моја.«
9Ангелот Господен пак ѝ рече: »Врати се кај господарката твоја и покори ѝ се!«
10И ангелот Господен уште рече: »Ќе го умножам многу потомството твое, што не ќе може да се изброи од множество.«
11И пак ѝ рече ангелот Господен: »Ете ти си бремена и ќе родиш син, и ќе го наречеш со името Исмаил; оти Господ ја чу маката твоја.
12Тој ќе биде силен човек: раката негова ќе се крева против секого, и сечија против него; и ќе живее пред лицето на сите браќа свои.«
13Тогаш Агара Го призва името на Господа, Кој ѝ зборуваше, и рече: »Ти си Бог, Кој милостивно погледна на мене,« зашто рече: »Пред себе Го видов Оној што ми се јави.«
14Заради тоа тој извор се нарече Беер – Лахај – Рој, а се наоѓа меѓу Кадис и Варад.
15И му роди Агара на Аврама син; и му стави Аврам на синот свој, кого го роди Агара, име Исмаил.
16А Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаила.

Селектирано:

Битие 16: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се