Ппророк Језекиил 45
45
Закон за жртвите.
1Кога со жреб ќе ја делите земјата на делови, одделете свет дел за Господа – дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина; тоа место да биде свето како целина наоколу.
2Од него до светилиштето да има четириаголник, по петстотини лакти наоколу и околу него, со плоштадка од педесет лакти.
3Според таа мерка измери дваесет и пет илјади трски надолж и десет илјади трски по ширината, каде што ќе се наоѓа светилиштето, Свјатаја Свјатих.
4Тој дел од светата земја ќе им припаѓа на свештениците, служители на светилиштето, кои ќе пристапуваат да Му служат на Господа; тоа место ќе биде место за куќи и светиња за светилиштето.
5Дваесет и пет илјади трски по должина и десет илјади трски по ширина, ќе им припаѓа на левитите, служители на храмот, како нивно владение, каде што ќе живеат.
6Дајте му и на градот владение од пет илјади трски нашир и дваесет и пет илјади трски по должина, спроти светото место, определено за Господа; тоа ќе му припаѓа на сиот дом Израилев.
7И за кнезот определете дел од едната и од другата страна, до светото место, определено за Господа, како и до владението на градот, кон запад од западната страна и кон исток од источната страна, во должина еднаква со еден од оние делови од западниот до источниот крај.
8Тоа ќе биде негова земја, негово владение во Израилот, така што во иднина кнезовите Мои да не го притеснуваат народот Мој, и земјата да ја раздаваат на домот Израилев според колената негови.
9Така вели Господ Бог: кнезови Израилеви, доста беше ова, оставете ги насилијата и принудувањата, а вршете суд и правда; престанете да го изгонувате народот Мој од владенијата негови, вели Господ Бог.
10Имајте иста мерка, вистинска ефа и прав бат.
11Ефата и батот треба да бидат еднакви, така што батот да содржи една десетина хомер, а и ефата една десетина хомер; мерката нивна треба да се определува според хомерот.
12Во една сикла треба да се содржат дваесет гери; а дваесет сикли, дваесет и пет сикли и петнаесет сикли треба да ви претставуваат една мина.
13Ете, тоа е данокот што ќе му го давате на кнезот; шести дел од ефа хомер пченица и шести дел од ефа хомер јачмен;
14а мерката за елејот е: една десетина елеј бат од кор, кој е хомер, што изнесува десет бата;
15по една овца на стадо од двесте овци, од богатото пасиште на Израилот; сето тоа ќе биде дар за лебен принос, за сепаленица и за благодарствена жртва, поради нивното очистување, вели Господ Бог.
16Сиот народ од земјата должен е да го дава тој принос за кнезот во Израилот.
17А кнезот е должен да принесува сепаленици и лебен принос, прелив на празници, во новомесечијата и во саботите за време на сите прослави во домот Израилев; тој ќе треба да принесува жртви за грев и лебен принос, сепаленици и благодарствени жртви за очистување на домот Израилев.
18Така вели Господ Бог: во првиот месец, на првиот ден од месецот, земи од стадото волови јунец без недостаток и очисти го светилиштето.
19Свештеникот нека земе крв од таа жртва за грев и со неа нека ги пороси довратниците на храмот и рамнинката на жртвеникот на четирите агли, а и довратниците на внатрешниот двор.
20Тоа исто направи го и во седмиот ден од месецот за оние кои смислено и по простотилак грешат, па така очисти го храмот.
21На четиринаесеттиот ден од првиот месец треба да празнуваш Пасха, седмодневен празник кога ќе се јадат бесквасници.
22Во тој ден кнезот ќе принесе за себе и за сиот народ во земјата жртва – еден јунец за грев.
23И во тие седум дена на празникот тој ќе Му принесува на Господа сепаленица секој ден, по седум јунци и по седум овни без недостаток, а и жртва за грев секој ден – по еден козел од стадото кози.
24Лебен приност ќе принесува по ефа на јунец и по ефа на овен, и елеј по хин од ефа.
25Во седмиот месец, на петнаесеттиот ден од месецот, на празникот, во текот на седумте дена тој треба да принесува исто таква жртва за грев, таква сепаленица, и толку лебен принос и толку елеј.
Селектирано:
Ппророк Језекиил 45: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016