Исход 39
39
Одежди за свештениците и украси. Мојсеј го благословува завршеното дело.
1А од ткаенина сина, црвена и темноцрвена направија одежди за служба во светилиштето; му направија и свештени одежди на Арона, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
2Направија ефод од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон;
3извлекоа листови од злато, и исекоа жици, за да ги вткаат вешто во ткаенината сина, црвена и темноцрвена и во висоновите нишки;
4му направија и нараменици што се врзуваат: тие се врзуваат со него на двата негови краја.
5И појасот на ефодот, од неговата горна страна, беше ист како и тој: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од вткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
6И изрезаа и камења смарагдови, и ги обрабија со злато, и ги впишаа на нив имињата на синовите Израилеви, како што се прават печати;
7па ги ставија на нарамениците од ефодот, за спомен на синовите Израилеви, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
8Направија и наградник, вешто изработен, од иста метерија како и ефодот: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон;
9наградник направија: четириаголен, двоен, педа долг, и педа широк, двоен.
10И наредија на него четири реда камења: во првиот ред: сард, топаз и смарагд;
11во вториот ред: антракс, сафир и јаспис;
12во третиот ред: лигур, ахат и аметист;
13во четвртиот ред: хрисолит, вирил и оникс; и тие беа опковани и обвиени во злато.
14Камењата беа според бројот на имињата на синовите Израилеви: тие беа дванаесет, според бројот на нивните имиња, и на секој од нив беше изрежано како печат по едно име, за дванаесетте племиња.
15И направија за наградникот веришки вити, плетени од чисто злато;
16направија и две копченца златни и две алчиња златни, и ги ставија двете алчиња на двата краја од наградникот;
17па ги закачија двете златни веришки за двете алчиња на краевите од наградникот,
18а другите два краја од двете веришки ги закачија за двете копченца и ги прицврстија на нарамениците од ефодот од предната страна.
19Направија уште две златни алчиња, и ги ставија на двата краја од наградникот, на внатрешниот раб, свртен спрема ефодот:
20направија уште две златни алчиња, ги ставија на двата нарамника од ефодот, на неговиот преден крај одоздола, каде што се составува ефодот над појасот;
21и така го врзаа наградникот со алчињата негови за алчињата од ефодот со врвка сина, плетена, за да стои одозгора над појасот од ефодот и да не се одделува наградникот од ефодот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
22а за ефодот направија и наметка, од сина ткаенина,
23и прорез по средината на наметката како отвор, околу прорезот ширит шиен, за да не се реси.
24По полите на подметката одоздола направија врвци од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен.
25А направија и ѕвончиња од чисто злато, и ги закачија ѕвончињата на полите од наметката наоколу меѓу прачките:
26ѕвонче и јаболкце, ѕвонче и јаболкце наоколу по полите на наметката, за служба, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
27Потоа направија хитони од ткаен висон за Арона и за синовите негови;
28и кидар од висон и митра од висон, и долна облека од ткаен висон,
29и појас за нив од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
30И направија плочка, знак на светоста, од чисто злато, издлабија на неа писмо, како што се реже печат »Светост Господова«.
31И врзаа за неа сина врвка, за да се врзува на кидарот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
32И така се сврши целата работа околу скинијата, скинијата на сведоштвото. И направија синовите Израилеви сѐ како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така направија.
33И ја донесоа при Мојсеја скинијата, покривката и сите нејзини работи, кукичките, диреците, лостовите, столбовите и подножјата.
34И покривката од кожи овнешки, црвени, и покривката од кожи фини и завесата за засолнување,
35ковчегот на откровението со лостовите, и очистилиштето,
36трпезата со сите нејзини принадлежности, и лебови за предложение,
37свеќникот од чисто злато со неговите кандилца, кандилцата веќе наредени, и сите потреби негови, и елеј за светење,
38жртвеникот златен, и елеј за помазание, кадиво мирисно, и завесата за влезот во скинијата,
39жртвеникот од бакар и решетката од бакар за него, лостовите негови и сите принадлежности негови, мијалникот и подножјето негово,
40завесите за дворот, столбовите за нив и подножјата нивни, и завесата за влезот во дворот, јажињата негови и колчињата негови, и сите потреби за служба во скинијата на сведоштвото;
41одеждите богослужбени за служење во светилиштето, одеждите свети за свештеникот Арона и одеждите за синовите негови, за свештеничка служба.
42Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така ги направија синовите Израилеви сите тие работи.
43И ги погледа Мојсеј сите тие работи, и ете, тие ги беа направиле: како што беше заповедал Господ, така ги беа направиле. И ги благослови Мојсеј.
Селектирано:
Исход 39: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016