Исход 36
36
Дарежливаста на народот. Градење на светилиштето.
1И направија Веселеил и Елијав и сите способни луѓе, на кои им беше дадена мудрост и знаење да разбираат и да работат секакви работи, потребни за светилиштето, тоа сѐ како што беше заповедал Господ.
2И ги повика Мојсеј Веселеила и Елијава и сите мудри луѓе, на кои Бог им дал разум во срцето, и сите, што од срце сакаа да се зафатат за дела што треба да се свршат.
3И тие ги зедоа од Мојсеја сите дарови што ги беа принеле синовите Израилеви за потребите на светилиштето за да се изработат. А тие ги примаа уште и принесуваните дарови од оние што носеа секое утро.
4Тогаш дојдоа сите вешти луѓе, што вршеа работи за светилиштето, секој според својата работа, што сами ја вршеа,
5па му рекоа на Мојсеја – »Народот принесува повеќе отколку што е потребно за да се направи, како што заповеда Господ.«
6И Мојсеј разгласи во таборот, велејќи: »Ни маж ни жена да не принесува ништо повеќе како дар за светилиштето:« И народот престана да принесува,
7зашто имаше доста принесено за секакви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше.
8Тогаш сите вешти луѓе, кои се обврзаа да ја направат скинијата, приготвија десет платништа од ткаенина со препредена преѓа и од сина, црвена и темноцрвена ткаенина; и на нив направија уметнички извезени херувими.
9Должината на секое платниште изнесуваше дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти; сите платништа беа со иста мерка.
10И Веселеил ги состави петте платништа едно со друго, и другите пет платништа ги состави едно со друго.
11И направи сини петлици по рабовите на едното платниште, каде што ќе се соединува со другото; такви направи тој и на работ на последното платниште, за да го соедини со другото.
12Педесет петлици направи на едното платниште, каде што се соединува со другото; петлиците беа една спрема друга.
13И направи педесет златни кукички и со кукичките состави едно платниште со друго. Така скинијата стана една целина.
14Потоа направи платниште од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи:
15едно платниште беше долго триесет лакти, а широко четири лакти; една мерка беа сите единаесет платништа.
16Па ги состави петте платништа одделно, а шесте платништа одделно.
17И направи педесет петлици по работ на едното платниште, каде што се соединува со другото, и педесет петлици направи по работ на другото платниште, за да се соединува со другото;
18а направи и педесет кукички од бакар, за да се состави скинијата, та да стане целина.
19Потоа направи покривка за скинијата од овнешки кожи, црвени, а над неа друга – од сини кожи.
20И направи диреци за скинијата од дрвото ситим, што ќе стојат исправени;
21секој дирек од по десет лакти долг, а лакот и половина широк;
22секој дирек имаше по два клина, еден спроти друг; така направи тој на секој дирек за скинијата.
23А вакви диреци за скинијата направи дваесет за јужната страна:
24и направи четириесет подножја сребрени за под дваесетте диреци, по две подножја под секој дирек за двата клина негови, и по две подножја под другиот дирек за двата негови клина.
25И за другата страна на скинијата, спрема север, направи дваесет диреци.
26и четириесет сребрени подножја под нив, по две подножја под секој дирек за двата негови клина, и по две подножја под другиот дирек.
27А за западната страна на скинијата направи шест диреци;
28направи уште два дирека за аглите во скинијата од западната страна;
29тие беа составени одоздола и составени одозгора со по една алка; така направи тој со обете страни на двата агли;
30и така имаше осум диреци и шеснаесет подножја сребрени, по две подножја под секој дирек.
31Потоа направи напречници од дрвото ситим: пет за диреците од едната страна од скинијата,
32и пет напречници за диреците од другата страна на скинијата, и пет напречници за диреците од западната страна на скинијата до обата агли.
33А направи и средна напречница што ќе иде преку средината на диреците од едниот до другиот крај;
34диреците го опковаа со злато, а и алките, низ кои беа провлечени напречниците, ги направи од злато, па и напречниците го опкова со злато.
35Потоа направи завеса од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон и на неа направи херувими, уметнички извезени;
36за неа направи и четири столба од дрвото ситим, и го опкова со злато; и златни кукички за столбовите и им излеа четири подножја од сребро.
37Направи потоа завеса за влезот во скинијата од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, уметнички исткаена,
38и пет столбови за неа со кукичките нивни; врвовите на столбовите и нивните прстени ги обложи со злато, и пет подножја од бакар.
Селектирано:
Исход 36: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016