Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Песна над песните 7:1-13

Песна над песните 7:1-13 MK2006

Хорот: Сврти се, сврти се Суламитко, сврти се, сврти се, да те по­гледаме! Возљубениот: Зошто сакате да ја гледате Суламитката, како на оро манаимско? Хорот: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како прстени, направени од рацете на вешт уметник, папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови; двете твои гради – како две јаренца, како близначиња на срна. Вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – хешбонски езерца кај Бат-Рабимските порти; носот твој – леванонска кула, свртена кон Дамаск; главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја – како пурпур; и царот се заплетка во нејзините плетенки. Возљубениот: О, колку си убава, о, колку си заносна, возљубена моја, со твојата убавина! Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради – на гроздови. Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твои­те гради би биле место гроздови, и ми­рисот од твоите ноздри – како мирис на јаболко; устата твоја е како најдобро вино. Возљубената: Тоа тече право кон воз­љубениот мој, и тече нечујно пре­ку ус­ните кои спијат. Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене. Дојди, мил мој, да излеземе во по­лето, да ноќеваме во селските колиби; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калин­ките; таму ќе те опсипам со милувања.