Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Песна над песните 7:1-13

Песна над песните 7:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Хорот: Сврти се, сврти се Суламитко, сврти се, сврти се, да те по­гледаме! Возљубениот: Зошто сакате да ја гледате Суламитката, како на оро манаимско? Хорот: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како прстени, направени од рацете на вешт уметник, папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови; двете твои гради – како две јаренца, како близначиња на срна. Вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – хешбонски езерца кај Бат-Рабимските порти; носот твој – леванонска кула, свртена кон Дамаск; главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја – како пурпур; и царот се заплетка во нејзините плетенки. Возљубениот: О, колку си убава, о, колку си заносна, возљубена моја, со твојата убавина! Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради – на гроздови. Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твои­те гради би биле место гроздови, и ми­рисот од твоите ноздри – како мирис на јаболко; устата твоја е како најдобро вино. Возљубената: Тоа тече право кон воз­љубениот мој, и тече нечујно пре­ку ус­ните кои спијат. Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене. Дојди, мил мој, да излеземе во по­лето, да ноќеваме во селските колиби; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калин­ките; таму ќе те опсипам со милувања.

Песна над песните 7:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Врати се, врати се, Суламко, врати се за да те гледаме.“ Колку се убави твоите нозе во обувките, кнежевска ќерко! Заобленоста на твоите бедра се како огрлици, дело на рацете на искусен уметник. Папокот ти е тркалезна чаша, што никогаш не е без пијалак; мевот ти е како стог пченица, заграден со лилјани. Твоите две гради се како две срничиња- близначиња на срната. Твојот врат е како столб од слонова коска. Твоите очи се како езерчињата во Есевон, кај Ватравимската Врата. Носот ти е како ливанска стражарница, што гледа кон Дамаск. Твојата глава е како гората Кармил, а косата на главата како црвено сукно, и царот се сплетка во нејзините плетенки. Колку си прекрасна, колку си привлечна, о, највозљубена, меѓу милините! Растот твој е како палма, твоите гради се гроздови. Си реков: ќе се искачам на палмата, да ги дофатам нејзините врвови; а твоите гради ќе бидат како гроздови на лоза; мирисот на твојот здив како јаболка. Твојата уста е како најдобро вино, што тече направо кон мојот возљубен, како што тече низ усните на заспаните. Јас му припаѓам на мојот возљубен, и тој има желба по мене. Дојди, возљубен мој, ќе одиме во полето, ќе ноќеваме во селата. Наутро ќе одиме во лозјата, за да видиме дали распупува лозата, дали се зафаќа грозјето, дали расцветаа калинките? Таму ќе му ја дадам мојата љубов.