Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Рута 2:1-13

Рута 2:1-13 MK2006

Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од родот на Елимелех, по име Вооз. И Моавката Рута ѝ рече на Ноемина: „Ќе тргнам по нивјето и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам милост.“ Таа ѝ одговори: „Оди, ќерко.“ Таа отиде и почна да собира на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Вооз, кој беше од родот Елимелехов. И ете, Вооз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Господ со вас.“ Тие му одговорија: „Нека те благослови Господ!“ И Вооз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: „Чија е онаа млада жена?“ Слугата надзорник над жетварите, одговори и рече: „Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од моавските полиња; таа ни рече: ‚Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жет­варите‘; дојде и остана тука од утрината досега; таа малку останува дома.“ И Вооз ѝ рече на Рута: „Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки; гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.“ Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: „Со што заслужив толкава милост во твоите очи, па ме примаш, иако сум туѓинка?“ Вооз ѝ одговори и ѝ рече: „Ми рекоа за сѐ што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој, дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера; Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господ, Бог Израелов, кај Кого си дошла за да се засолниш под Неговите крилја!“ Таа одговори: „Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господаре мој! Ти ме утеши и ѝ зборуваше од срце на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност