Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Рута 2:1-13

Рута 2:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од родот на Елимелех, по име Вооз. И Моавката Рута ѝ рече на Ноемина: „Ќе тргнам по нивјето и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам милост.“ Таа ѝ одговори: „Оди, ќерко.“ Таа отиде и почна да собира на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Вооз, кој беше од родот Елимелехов. И ете, Вооз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Господ со вас.“ Тие му одговорија: „Нека те благослови Господ!“ И Вооз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: „Чија е онаа млада жена?“ Слугата надзорник над жетварите, одговори и рече: „Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од моавските полиња; таа ни рече: ‚Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жет­варите‘; дојде и остана тука од утрината досега; таа малку останува дома.“ И Вооз ѝ рече на Рута: „Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки; гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.“ Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: „Со што заслужив толкава милост во твоите очи, па ме примаш, иако сум туѓинка?“ Вооз ѝ одговори и ѝ рече: „Ми рекоа за сѐ што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој, дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера; Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господ, Бог Израелов, кај Кого си дошла за да се засолниш под Неговите крилја!“ Таа одговори: „Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господаре мој! Ти ме утеши и ѝ зборуваше од срце на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.“

Рута 2:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од Елимелеховото семејство: се викаше Воз. Тогаш Моавката Рута ѝ рече на Ноемина: „Сакам да одам во полето за да доприбирам класови по оној, кај кого ќе најдам милост.“ Таа ѝ одговори: „Појди ќерко моја!“ И отиде, дојде во полето па почна да доприбира зад жетварите. А среќата ја доведе во полето, што му припаѓаше на Воз, од Елимелеховиот род. И ете, дојде Воз од Витлеем. „Господ да е со вас!“ - ги поздрави тој жетварите. А тие му одговорија: „Господ да те благослови!“ Воз му рече тогаш на момокот што ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?“ А момокот, кој беше над жетварите, одговори: „Тоа е младата Моавка што дојде придружувајќи ја Ноемина од Моавските Полиња. Прашаше: ‘Дали смеам да доприбирам и да собирам класје меѓу сноповите зад жетварите.’ И ете дојде, и остана од утрото сѐ досега; и само малку влезе во куќата.“ Тогаш Воз ѝ рече на Рута: „Чуј ме, ќерко моја, не оди да доприбираш кај друг, туку држи се покрај моите ниви и покрај моите трудбеници. Внимавај на која нива тие жнијат, па оди по нив. А им наредив на момчињата за да не те допира никој. Кога ќе жедниш, оди при садовите и пиј од тоа што моите слуги ќе налеат.“ Таа падна на своето лице, му се поклони до земјата и рече: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми посветуваш внимание, кога сум туѓинка?“ Воз ѝ одговори: „Чув што си направила сѐ за својата свекрва по смртта на твојот маж; како си ги оставила твојот татко, твојата мајка и твојот роден крај па си дошла во народ што до вчера и до завчера не го познаваше. Господ нека ти плати за сѐ што си направила, и нека ти додели полна награда Господ, Израелевиот Бог, кога си дошла за да се засолнеш под Неговите крилја!“ Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и ѝ проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.“