Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш, и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот, и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак; наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот. Но, како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмовите; ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, зарем не Го срамотиш Бога? „Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците“, – така стои напишано. Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот. Ако, пак, правиш престапи против Законот, обрезанието твое станува необрезание. И така, ако необрезаниот ги пази одредбите на Законот, тогаш нема ли неговото необрезание да се смета како обрезание? И необрезаниот по тело, извршувајќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој и покрај Писмо и обрезание си станал престапник на Законот? Зашто не е прав Јудеец оној, кој е таков по надворешност, ниту право обрезание она, кое е надворешно, врз телото, туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква. Неговата пофалба не потекнува од луѓето, туку од Бога.