Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 15:1-13

Римјаните 15:1-13 MK2006

Ние, силните, должни сме да ги поднесуваме слабостите на не­моќните, и да не си угодуваме на себеси. Секој од нас должен е на својот бли­жен да му угодува со она што е добро за неговата надградба. Зашто и Христос не си угоди на Се­бе Самиот, туку како што е напишано: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“ А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж. А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради славата Божја. Но велам дека Исус Христос стана служител на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците, а, пак, незнабошците да Го прос­ла­ват Бога за милосрдието, како што е на­пишано: „Затоа Те прославувам, Гос­по­ди, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име.“ И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“ И понатаму: „Фалете Го Господ сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“ Исаија, исто така вели: „Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.“ А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.