Римјаните 15:1-13
Римјаните 15:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ние што имаме посилна вера треба да ја поднесуваме слабоста на оние со послаба вера, а не да си угодуваме самите на себе. Секој од нас треба да им угодува на христијаните што се околу него, за нивно добро, за да ги изградува. Ни Христос не си угодуваше Себеси, туку, како што е напишано: „Навредите што беа наменети за Тебе, паднаа врз Мене.“ Се што во минатото е напишано во Светото Писмо, напишано е за ние да се поучиме, да оцврснеме, да се охрабриме и да не губиме надеж. А Бог, Кој е изворот на нашата стрпливост и утеха, нека ви даде слога меѓу вас и секој да го следи примерот на Исус Христос, па сите заедно и сложно да Го прославувате Бога, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. Прифаќајте се еден со друг, како што Христос ве прифати вас. Со тоа Бог ќе биде прославен. Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да го исполни ветувањето што Бог им го беше дал на нивните предци, а исто така и сите други народи да Го прославуваат Бога заради Неговата милост, како што е напишано во Светото Писмо: „Затоа ќе Ти донесам слава меѓу нееврејските народи, ќе Му пеам славопои на Твоето име!“ И на друго место вели: „Радувајте се и вие што не сте Евреи, заедно со Божјиот народ, Евреите!“ И повторно: „Славете Го Господа сите народи, Него нека Го слават сите луѓе!“ А Исаија вели: „Ќе се појави потомок на Давид, ќе им стане владетел на нееврејските народи, кои својата надеж во Него ќе ја положат!“ Сега Бог, изворот на надежта, нека ве исполни со радост и со мир заради вашата вера во Христос, а вашата надеж нека продолжи силно да расте и да се поткрепува од силата на Светиот Дух.
Римјаните 15:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ние, силните, должни сме да ги поднесуваме слабостите на немоќните, и да не си угодуваме на себеси. Секој од нас должен е на својот ближен да му угодува со она што е добро за неговата надградба. Зашто и Христос не си угоди на Себе Самиот, туку како што е напишано: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“ А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж. А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради славата Божја. Но велам дека Исус Христос стана служител на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците, а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за милосрдието, како што е напишано: „Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име.“ И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“ И понатаму: „Фалете Го Господ сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“ Исаија, исто така вели: „Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.“ А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.
Римјаните 15:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а да не си угодуваме сами на себеси. Секој од нас нека му угодува на ближниот, во негова полза, за добро, зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: „Хулите на оние, кои Те хулеа, паднаа на Мене.“ Навистина, сѐ што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата. И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа, за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за Божјата слава! Зашто велам, дека Христос им послужи на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците; а пак народите Го прославуваат Бога поради Неговото милосрдие, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име.“ И пак рече:“ Веселете се, народи, со Неговиот народ!“ И пак: „Фалете Го Господа сите народи и да Го слават сите племиња!“ И пак Исаија вели: „Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите; на Него ќе се надеваат народите!“ А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта.