Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 2:18-29

Откровение 2:18-29 MK2006

И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: ова го вели Синот Божји, Чии очи се како огнен пламен, а нозете слични на усвитена бронза: ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и служењето, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите. Но за ова сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себе се нарекува пророчица, да ги учи и ма­ми слугите Мои да блудствуваат и да ја­дат идолски жртви. А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја. Ете, неа ја фрлам на постела, и оние што блудствуваа со неа, во маки големи – ако не се покаат за делата свои. И чедата нејзини ќе ги казнам со смрт, и сите цркви ќе дознаат дека Јас сум Оној Кој ги истражува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови. А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги запознаа таканаречените „длабочини сатански“, ви велам: нема да ви наложам друго бреме. Но држете го само она што го има­те, додека не дојдам. И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците, и ќе ги пасе со железен жезол; и тие ќе се строшат како земјени садови. Како што и Јас примив власт од Својот Отец, нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница. Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.