Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 12:1-17

Откровение 12:1-17 MK2006

И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди. Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди. Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни; опашката негова повлече една тре­тина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино. И таа роди машко дете, кое ќе ги па­се сите народи со железен жезол; и де­тето нејзино беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол. А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена. И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше со­бо­рена на земјата, и заедно со неа и анге­лите нејзини беа исфрлени. И чув висок глас на небото како зборува: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе. Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт. Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живе­ете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“ А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете. И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата. И змијата од устата своја испушти по жената вода како река, за да ја од­влече со реката. Но земјата ѝ помогна на жената: ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката што ја беше испуштил змевот од устата своја. И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Хрис­тос.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност