Колкупати Го беа огорчувале во пустината и Го беа разгневувале во безводната земја! И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израелов; не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Тој ги избави од непријателот; кога ги покажа во Египет Своите знаци и во полињата на Цоан – Своите чудеса; и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат; испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги уништат; житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивен на скакулци; лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни – со слана. И добитокот нивен го уништи со град, а имотот нивен – со оган; го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки – одред зли ангели; го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивен го предаде на помор; уништи сѐ што беше првородено во Египет, првините од нивниот труд во шаторите на Хам. Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустината: ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето – и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила; и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со ждрепка во нивно наследство, и ги насели израелските колена во полињата нивни. Но тие Го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови. Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак. Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа. Бог го чу тоа, се разгневи многу, го отфрли Израел; ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето; и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот; па го предаде Својот народ на меч и се разгневи на Своето наследство. Момчињата нивни оган ги голташе, и за девојките нивни немаше свадбени песни; свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани. Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан, и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам. И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефремово, туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби. И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш, и го избра Давид, својот слуга, го зеде од овчите стада, и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јаков и Израел, наследството Негово. И Тој ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.