Слушни ги народе мој поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја. Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време, работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши, нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши. Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди и да не бидат како татковците нивни – род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој. Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката: тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон. Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал, чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан; го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип; дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена светлина; разби карпа во пустината и ги напои како од голема бездна. Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки. Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината: Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство, па Го нападнаа Бога, велејќи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?“ Ете, Тој удри во карпа – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ? Поради ова што го чу, Господ се разгневи и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јаков и гнев се крена против Израел, затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваа на спасението во Него. Тој им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата, па им истури дожд од мана да јадат, и им даде леб небесен. Леб ангелски јадеше човекот: Тој им испрати храна до наситување. Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар, па ги обложи со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски: ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта, и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде. Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна, а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и израелските момчиња ги погуби. При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови. И така им минеа дните нивни попусто и годините нивни во ужас. Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога, и се сеќаваа дека Бог е нивен помошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител. Но со устата своја Го мамеа, со јазикот свој лажеа пред Него; срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов. Но Тој, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев: Тој ќе си спомнеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа. Колкупати Го беа огорчувале во пустината и Го беа разгневувале во безводната земја! И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израелов; не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Тој ги избави од непријателот; кога ги покажа во Египет Своите знаци и во полињата на Цоан – Своите чудеса; и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат; испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги уништат; житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивен на скакулци; лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни – со слана. И добитокот нивен го уништи со град, а имотот нивен – со оган; го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки – одред зли ангели; го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивен го предаде на помор; уништи сѐ што беше првородено во Египет, првините од нивниот труд во шаторите на Хам. Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустината: ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето – и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила; и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со ждрепка во нивно наследство, и ги насели израелските колена во полињата нивни. Но тие Го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови. Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак. Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа. Бог го чу тоа, се разгневи многу, го отфрли Израел; ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето; и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот; па го предаде Својот народ на меч и се разгневи на Своето наследство. Момчињата нивни оган ги голташе, и за девојките нивни немаше свадбени песни; свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани. Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан, и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам. И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефремово, туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби. И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш, и го избра Давид, својот слуга, го зеде од овчите стада, и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јаков и Израел, наследството Негово. И Тој ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.