Слушни ги народе мој поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја. Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време, работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши, нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши. Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди и да не бидат како татковците нивни – род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој. Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката: тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон. Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал, чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан; го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип; дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена светлина; разби карпа во пустината и ги напои како од голема бездна. Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки. Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината: Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство, па Го нападнаа Бога, велејќи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?“ Ете, Тој удри во карпа – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ?