Те љубам, Господи, крепост моја! Господ е моја карпа, моја тврдина и мој избавител, Бог мој, засолниште мое, во кое се засолнувам; мој штит, сила на спасението мое и крепост моја. Ќе Го призовувам Господа, достоен за слава и ќе се спасам од непријателите свои. Јажињата на смртта ме испреплетоа, и погубни потоци ме вознемирија; пеколни мрежи ме заробија, смртни стапици ме стегнаа. Во мојот очај Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Тој од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговото уво. Се затресе и се разниша земјата; затреперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи; се крена дим од Неговите носници и од устата Негова пламна оган, кој проголтува сѐ; вжарени јаглења отскокаа од Него. Ги наведна Тој небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови. И седна на херувим, па полета и се понесе на ветерни крилја. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – од густи облаци полни со вода. Од молскање бегаа од Него облаците, градот и огнените јаглења. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги распали молњите – и ги растури. Морските дна се појавија, и основите на вселената се разоткрија од страшната закана Твоја, Господи, од здивот на носниците Твои. Тој посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води. Ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја. Ме изведе Тој на пространо место и ме избави, зашто ме засака.