Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни. Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност. И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасението од Тебе според зборовите Твои, – и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто верувам во зборовите Твои. Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите уредби. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во векови. Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди. И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам; им се насладувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав; ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби. Спомни си за словото Твое кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж. Тоа ме утешува во неволјата моја, зашто Твоето слово ме оживува. Горделивите жестоко ме напаѓаат, но јас не се отстранив од Твоите закони. Кога си спомнувам за Твоите уредби од старина, Господи, се утешувам. Лутина ме обзема од нечестивите што го напуштаат Твојот закон. Повелбите Твои ми беа песна кога патував во некое место. Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој. Тој стана мој, зашто ги пазам Твоите правила. Дел мој си Ти, Господи, – си реков – ќе го пазам законот Твој. Му се помолив на лицето Твое од сѐ срце: помилуј ме, според словото Твое. Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите уредби. Брзам и не се колебам да ги запазам Твоите заповеди. Замки од нечестиви ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон. На полноќ станувам да Те величам поради Твоите праведни уредби. Јас сум меѓу оние што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоите правила. Со Твојата милост, Господи, Земјата е полна; научи ме на Твоите повелби. Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово. Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам во Твоите заповеди. Пред моето страдање бев застранил, а сега го пазам Твојот збор. Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите повелби. Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сѐ срце ги пазам Твоите правила. Срцето им е бездушно како сало, но јас уживам со Твојот закон. Добро ми е што бев понижен, за да се научам на Твоите повелби.