Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 119:36-71

Псалми 119:36-71 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Приклони го срцето мое кон Твои­те сведоштва, а не кон лакомства. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни. Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност. И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасението од Тебе според зборовите Твои, – и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто верувам во збо­ровите Твои. Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите уредби. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во векови. Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди. И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам; им се насладувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав; ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби. Спомни си за словото Твое кон Тво­јот слуга, со кое си му дал надеж. Тоа ме утешува во неволјата моја, зашто Твоето слово ме оживува. Горделивите жестоко ме напа­ѓаат, но јас не се отстранив од Твоите закони. Кога си спомнувам за Твоите уредби од старина, Господи, се утешувам. Лутина ме обзема од нечестивите што го напуштаат Твојот закон. Повелбите Твои ми беа песна кога патував во некое место. Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој. Тој стана мој, зашто ги пазам Твои­те правила. Дел мој си Ти, Господи, – си реков – ќе го пазам законот Твој. Му се помолив на лицето Твое од сѐ срце: помилуј ме, според словото Твое. Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите уредби. Брзам и не се колебам да ги запазам Твоите заповеди. Замки од нечестиви ме опкру­жија, но јас не го заборавив Твојот закон. На полноќ станувам да Те вели­чам поради Твоите праведни уредби. Јас сум меѓу оние што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоите правила. Со Твојата милост, Господи, Зем­јата е полна; научи ме на Твоите повелби. Добрини си му направил, Госпо­ди, на Твојот слуга според Твоето слово. Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам во Твоите заповеди. Пред моето страдање бев застра­нил, а сега го пазам Твојот збор. Ти си добар, Господи, и поради доб­рината Твоја научи ме на Твоите повелби. Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сѐ срце ги пазам Тво­ите правила. Срцето им е бездушно како сало, но јас уживам со Твојот закон. Добро ми е што бев понижен, за да се научам на Твоите повелби.

Псалми 119:36-71 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие! Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата, чувај ми го животот на Твојот пат! Исполни ги ветувањата на Твојот слуга, што им ги даде на оние кои се бојат од Тебе! Отстрани го срамот, од кој се плашам, зашто се благи Твоите пресуди. Еве, копнеам по Твоите наредби: поживи ме со Твојата правда. О, Господи, нека Твојата милост дојде врз мене, и Твоето спасение според Твоето ветување. Ќе им одговорам на оние што ме исмеваат, зашто се надевам на Твоето слово. Не одземај го зборот на вистината од мојата уста, зашто се надевам на Твоите судови. Ќе го пазам Твојот Закон постојано и довека. Ќе одам нашироко, зашто ги истражувам Твоите повелби. Ќе зборувам за Твоите прописи пред царевите и нема да се збунам. Мојата наслада е во Твоите заповеди, зашто ги љубам. Јас ги подигам рацете кон Твоите заповеди, зашто ги љубам и размислувам за Твоите повелби. Спомни си за Твоето слово кон Твојот слуга, со кое ми даде надеж. Во неволја Твојот збор ми е сета утеха, тој ми е живот. Гордите ме напаѓаат жестоко; но јас не отстапувам од Твојот Закон. Се сеќавам, о Господи, за Твоите дамнешни пресуди и тоа ме утешува. Гнев ме опфаќа заради грешниците, што го напуштаат Твојот Закон! Твоите повелби ми се песна, во земјата низ која патувам. Ноќе си спомнувам, Господи, за Твоето име, и го чувам Твојот Закон. Еве што е мојата желба: да ги чувам Твоите повелби. Мој дел е, Господ - реков - да ги пазам Твоите зборови. Го барав Твоето лице со сето мое срце, помилувај ме според Твоето слово. Размислував за своите патишта и ги насочив нозете кон Твоите сведоштва. Побрзав и не се двоумам да ги чувам Твоите заповеди. Ме сплеткаа јажињата на грешниците, но јас не го заборавам Твојот Закон. Станувам, на полноќ, за да Те славам, заради Твоите праведни одлуки. Пријател сум им на сите, што се бојат од Тебе и што ги чуваат Твоите наредби. Господи, земјата е полна со Твојата милост, научи ме на Твоите повелби. Господи, му стори добро на Твојот слуга, според Твојот збор. Научи ме на разум и знаење, зашто верувам во Твоите заповеди. Скитав, пред да бидам понижен, но сега го чувам Твојот збор. Ти си толку благ и добар, научи ме на Твоите правила. Горделивите смислуваат клевета против мене, но јас со сето срце се придржувам кон Твоите правила. Срцето им е здебелено од маст, а јас се насладувам во Твојот Закон. Добро ми е дека се мачев за да ги научам Твоите повелби.