Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 104:16-35

Псалми 104:16-35 MK2006

Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил; на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штркови­те. Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците. Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе зајде. Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови; лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе. Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла; човекот излегува по своја работа и работи до вечерта. Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија. Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни; таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него. Сите тие од Тебе чекаат да им да­деш храна навреме. Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага; го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата. Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои! Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат. Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам. Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ. Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Гос­пода! Алилуја!