Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име! Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној, Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; Кој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини. Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост. Господ им дава милост и правда на сите угнетени. Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израеловите синови – делата Свои. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив; Тој не се гневи до крај, ниту вечно се лути. Тој не постапува со нас според нашите беззаконија и не ни плаќа според нашите беззаконија; зашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав. Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети. А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда, кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови.