Слушај, синко, и биди мудар и насочувај го срцето свое по прав пат. Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, – зашто пијаницата, и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали. Слушај го својот татко: тој те родил; не ја занемарувај мајка си, кога таа ќе остарее. Купувај вистина и не продавај мудрост, учење и разум. Таткото на праведниот се весели, и оној што родил мудар, се радува поради него. Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила. Синко, дај ми го мене срцето твое и очите твои да ги гледаат патиштата мои, – зашто блудницата е длабока пропаст, а туѓа жена – тесен бунар; таа како разбојник ги пречекува и ги умножува беззакониците меѓу луѓето.
На некого – ах, на некого – ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми. Не гледај го виното како се црвенее, како тоа искри во чашата, како убаво се лее; отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница; очите твои ќе гледаат привиденија, и срцето твое ќе почне да говори неразумно; и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врвот од јарбол, па ќе речеш: „Ме тепаа и не ме болеше; ме туркаа и не чувствував. Кога ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.“