Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 2:1-22

Изреки 2:1-22 MK2006

Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди, и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слу­ша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување; ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истра­жуваш како ризница, – ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓаат знаењето и разумот; Тој го зачувува за праведните спасението; Тој е штит за оние кои живеат непорочно; Тој ги чува патиштата на правдата и ја брани патеката на оние, кои Го по­читуваат. Тогаш ќе ги разбереш правдата и правосудието, правината и секој до­бар пат. Кога мудрост ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува, за да те спаси од лош пат, од човек, кој говори лага, од оние, што ги напуштиле патиш­тата на правдата, за да одат по патот на темнината; од оние, што се радуваат, вршејќи зло, кои се восхитуваат на расипаност, чии патишта се криви, и кои талкаат далеку од правиот пат; за да те спаси од туѓа жена, која ги засладува зборовите свои, која го остава пријателот на младоста своја, и која го заборава заветот на својот Бог. Домот нејзин води кон смрт, и па­теките нејзини – кон пеколот; никој од влезените кај неа не се враќа и не стапнува врз патот на животот. Затоа оди по патот на добрите и придржувај се кон патеките на пра­ведните, зашто праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребе­ни од земјата, и вероломните – искоренети од неа.